Македонија
„Влен“: Со поддршката за Гаши се докажа дека мнозинството е стабилно
Пропадна планот за дестабилизација на тројката Левица-СДСМ-ДУИ. Синоќа, со големата поддршка која ја доби претседателот на Собранието, Африм Гаши, уште еднаш се докажа дека владејачкото мнозинство е стабилно и нема никакви знаци на колебање, велат од коалицијата Влен по вчерашната интерпелација.
„Оваа интерпелација го изнесе на површина и новиот коалиционен блок за дестабилизација на државата, Левица-СДСМ-ДУИ. Всушност, Левица е само врвот на ледениот брег и портпарол на еден поголем проект на оваа тројка, кој има за цел дестабилизација на државата. Како што и самите претходно изјавија, а сега веќе и се докажува на дело, иницијативата за интерпелација, со толку меѓуетничка и меѓурелигиска говорна омраза, зборува за координација и соработка меѓу оваа тројка во плановите за дестабилизација и предизвикување на тензии, зошто да не и меѓуетнички инциденти во Северна Македонија“, велат од Влен.
Додаваат дека оваа интерпелација беше уште една причина за хомогенизација на коалицијата Влен, но и на владејачката коалиција, докажувајќи стабилност и цврстина наспроти мрачните планови кои се кројат во, како што велат, анти-НАТО и анти-ЕУ кујните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Брисел: Бевме понижувани многупати, ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми
Денеска до сега, до овој момент имав две значајни средби. Првата беше работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, информира од Брисел премиерот Христијан Мицкоски.
„Она кое што можев да го кажам таму е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес каде што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.
За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе“, изјави Мицкоски.
Уште еднаш потенцирав, нагласува Мицкоски од Брисел, дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми.
„И за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин. Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“, вели премиерот.
Појасни дека за време на ручекот еден од присутните споменал дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија.
„Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум.
Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, со секој буквално да разговарам додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу“, додава Мицкоски во изјавата од Брисел.
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со НДИ – Борбата против корупцијата е приоритет
Во просториите на општина Кисела Вода, градоначалникот и претседател на ЗЕЛС, одржа состанок со претставници на НДИ, кои го раководат проектот за борба против корупција на локално ниво.
Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада и треба да трае 8 години. Основната цел на проектот е да се изнајдат механизми со помош на кои максимално ќе се намали корупцијата на локално, општинско ниво.
За таа цел, тие на средбата сакаа да слушнат што се основните цели во поглед на децентрализација на ЗЕЛС, како се одвиваат процесите на дигитализација на локално ниво, но и каква е соработката на ЗЕЛС со централните власти, односно што очекуваме брзо да се реализира при преговорите со Владата, информираат од кабинетот на Ѓорѓиевски.
„Ѓорѓиевски ги извести за меморандумот што пред месец дена го склучија ЗЕЛС и Владата, но и за систематизираните ставови, кои ги подготвуваме секоја година и после консултација со членките и усвојување на седница на Управен одбор на ЗЕЛС, ги доставуваме како најитни барања до Владата.
Стана збор и за лошата состојба со финансиите со кои се соочува, речиси секоја општина и нашите барања до Владата, тоа да се промени во позитивна смисла.
Претставниците на НДИ пак, не известија дека поминала подготвителната фаза на нивниот проект и дека очекуваат во ноември да го потпишат договорот за почеток на реализацијата на проектот, кој треба да трае 8 години. Известија дека, по потпишување на нивниот договор со Швајцарската амбасада, сакаат да потпишат договор со ЗЕЛС, за соработка и заедничка реализација на истиот“, се истакнува во дописот.
Македонија
Од пазарот се повлекуваат бисквити поради можност од присуство на надворешно тело, соопшти АХВ
Од македонскиот пазар се повлекуват производите на „Атлантик Штарк“: Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 и Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391, двата со рок на траење до 11.05.2025 година, поради можност за присуство на надворешно тело, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера, од компанијата „Атлантик траде Скопје Доо“ Илинден доби известување дека поради можност за присуство на надворешно тело, од пазарот ги повлекува следниве производи:
– 280766 Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 со рок на траење 11.05.2025
– 281061 Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391 со рок на траење 11.05.2025.
Производител на производите кои се повлекуваат според известувањето е „Атлантик Штарк доо Белград“, Република Србија“, се нагласува во информацијата од АХВ.
Агенцијата како одговорна институција за безбеднста на храната согласно законските надлежности, како што додаваат од таму, ја следи состојбата со повлекувањето на производите.
„До потрошувачите како и компанијата увозник, упатуваме апел доколку ги купиле посочените производи со сериските броеви и рокови на употреба истите да не ги консумираат или да ги вратат на продажното место од каде ги купиле“, истакнуваат од Агенцијата за храна.