Македонија
„Влен“: Таравари украде пратенички мандати на граѓаните во име на промената, а сега се обидува да ги фрли во казанот на ДУИ

ДУИ не може да се дефинира поинаку освен како казан во кој вријат кражби, криминал и корупција. Токму во тој казан, каде што се готвеа антиалбански планови, “бегот” од Гостивар, Арбен Таравари, решил да се врати. И не само тоа, се обидува да ги прошверцува и пратеничките мандати кои беа добиени во име на промената, велат од коалицијата „Влен“ за несогласувањата.
„Не беше одамна, само пред една година, токму во овој месец, кандидатите за пратеници кои денес се пратеници на Алијанса на Албанци, под логото на ВЛЕН, од врата на врата им велеа на граѓаните: „Ние сме промената“, „Ние не одиме со ДУИ“. Зиадин е предавникот затоа што сакаше да ѝ го продолжи владеењето на ДУИ.
Граѓаните ја кажаа својата волја, гласаа за промена. Промената дојде. Таравари дезертираше, но една армија не смее да ја следи слепо судбината на еден дезертер. Невнимателен дезертер не смее да ја определува насоката на една чесна, чиста и одлучна политичка структура. Сега е време за размислување, сите пратеници, членови и активисти треба повторно да се позиционираат таму каде што беа, на вистинската страна.
Ако го напуштивте Села поради тоа што, како што велите, неговото крило отиде со ДУИ, каде е тогаш логиката сега да стоите до Таравари, кој се враќа и кај Села и кај Ахмети? Ние веруваме во будноста на искрените активисти и вредните поддржувачи, промената само што започна, таа мора да продолжи.
Таравари е изморен, можеби затоа што, исто како Ахмети, не се искачуваше по планините и нема кондиција. Таравари работи на своето предвремено политичко пензионирање. ВЛЕН е и ќе остане штитот на Албанците, сега е моментот да застанеме на вистинската страна.
Таравари и Ахмети рака под рака во пензија, ВЛЕН рамо до рамо со албанскиот народ, кон нови победи и цели!“, велат од „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНАМ конституира Градска организација: „Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета“

Официјално се конституира Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје. Од Движењето велат дека овој чекор не е само формалност туку е почеток на една сериозна, силна и решителна политичка борба.
„Ова е гласна порака, од срцето на државата, од главниот град Скопје, дека промената што ја бараат луѓето насекаде низ Македонија, веќе добива своја форма, своја структура и своја сила. За претседател едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, Магистер по електротрехника и информациски технологии дипломиран електро инженер, актуелен заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со претходно долгогодишно искуство на разни менаџерски позиции во автомобилската индустрија и електро енергетиката“, велат од ЗНАМ.
Дел од Градската организација се професори, архитекти, лекари, уметници, спортисти, претприемачи, активисти…
„Совеста, знаењето и духот на Скопје – овие граѓани на нашиот град – ја избраа вистинската промена со Движењето ЗНАМ. Овие храбри и одважни луѓе не се партиски послушници ниту политички марионети. Тие не се функционери по задача, ниту сенки на некои центри на моќ. Ова се личности со непобитен кредибилитет, со изграден авторитет и биографии кои вредат многу повеќе од празните изборни ветувања. Тие се оние што долго време беа разочарани, отуѓени и тивки“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека потиснат од алчност, поделби и тивка диктатура, Скопје го изгубило сјајот, но не и силата.
„Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета ниту пак заложник на тајни коалиции во политичкиот театар на елитите. Од денес, Градската организација на ЗНАМ – Скопје станува бастион на слободата, креативноста и урбаната визија. Ќе бидеме платформа за секој кој има идеја, решение и љубов кон својот град. Ќе проодолжиме да бидеме чувари на јавниот интерес. Ќе им го вратиме градот на неговите жители – без елитизам, без поделби и без скриени агенди“, велат од ЗНАМ.
Македонија
Во Илинден се одржа меѓународен фолклорен фестивал „Св.Троица“

Во амфитеатарот при Домот на култура „Илинден“ во Општина Илинден, се одржа единаесеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“. Организатор на фестивалот е КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, под покровителство на Општина Илинден.
Фестивалот започна со свечено дефиле, на кое сите учесници, придружувани од звуците на зурли и тапани, тргнаа од основното училиште „Гоце Делчев“ и се упатија по главната улица во Илинден, преку кружниот тек каде беше одиграно најголемото интернационално оро, па сè до Домот на културата „Илинден“, каде се одржаа настапите. На сцената продефилираа фолклорни ансамбли од Романија, Бугарија, Словенија и Србија, како и ансамблите КУД „Гоце Марковски“ и АНПИ „Илинден“ од Скопје.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на гостите како признание за придонесот во зачувување и промоција на културата, но и како трајно сеќавање за учество на фестивалот им додели пригодни подароци со главното обележје – грбот на Општина Илинден. Градоначалникот нагласи дека Општина Илинден ќе продолжи да го поддржува ширењето и чувањето на културното богаство.
„Целта на овој фестивал е токму преку фолклорот да се зближат народите и да се поттикнат нови пријателства. Но, и младите да се едуцираат како за убавините на македонскиот фолклор, култура и традиција, така и за културите на другите земји“, велат од Општина Илинден.
Македонија
Минчев: Силна јавна администрација како основа за силна Македонија

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на свеченото отварање на 30-ти Јубилејни спортски игри и средби на Синдикатот на УПОЗ, кое се одржа во Охрид. Во своето обраќање, Минчев истакна дека овие игри не се само спортска манифестација, туку и симбол на заедништвото, солидарноста и силата што доаѓа од заедничката борба на јавниот сектор и синдикатите.
„Денес не отвораме само спортски игри. Денес отвораме едно поглавје на заедништво, истрајност и солидарност што трае веќе 30 години. Јубилејните игри на Синдикатот на УПОЗ се не само симбол на спортот и дружењето, туку и на борбата за правата и достоинството на трудот во јавниот сектор“, изјави Минчев.
Министерот потенцираше дека јавната администрација е срцето на државата и истакна дека само преку силна, обучена, мотивирана и заштитена јавна администрација може да се создаде држава која ќе му служи на граѓаните, а не на интересите. Тој истакна дека реформите во јавниот сектор треба да се темелат на човекот и на неговите права, а не на партиски интереси.
„Македонија не е само територија, Македонија сме ние, секој службеник, секоја медицинска сестра, наставник, полицаец, инспектор. Македонската администрација е основата на секоја модерна и успешна држава“, нагласи Минчев.
Министерот на крајот на своето обраќање им посака успех на учесниците на спортските игри и истакна дека вистинската сила лежи во заедништвото и поддршката на секој поединец во јавниот сектор.
„Нека овие игри бидат потсетник дека вистинската сила лежи во заедништвото. Нека вашата борба и денес биде борба за подобра иднина, не само на теренот, туку и во секоја канцеларија, на секој шалтер, на секое работно место кај што твори јавниот службеник“, заврши Минчев.