Македонија
ВМРО-ДПМЕ бара власта јавно да го обелодени договорот со Бугарија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера рече дека помеѓу Бугарија и Македонија има документ што е основа за договор меѓу двете држави, а кој македонската страна го прифаќа. Јавно во името на граѓаните на државата, во името на интересот на сите, повикуваме да го обелоденат тој таен документ и да кажат јавно што содржи, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Арсовски прашува дали Владата на Димитар Ковачевски оди по стапките на претходникот Заев и се откажала од идентитетските обележја, историјата и јазикот?
„За ова треба да дадат одговор денес, а не да молчат и да кријат цело време Зошто тој документ е таен и што има Владата да скрие од македонската јавност? Доколку сѐ е како што велат во интерес на граѓаните, зошто би го криеле“, вели Арсовски.
Тој истакна дека криењето со право отвора сомнежи дека се спрема ново предавство.
„Тоа нам ни дава право и како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, но и на граѓаните, да се сомневаме дека се подготвува ново предавство на штета на националните и државните интереси и тоа за нас, потенцираме, е неприфатливо и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати таков штетен договор“, нагласи Арсовски.
Претходно денеска, од бугарското МНР соопштија дека Бугарија ја информирала Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За еден ден казнети 166 пешаци поради поминување улица надвор од пешачки премин или на црвено светло

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги прават пешаците.
Притоа, санкционирани се 166 пешаци од кои, 155 за небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин, пет за минување на црвено светло.
За време на контролата регистрирани се и 111 останати прекршоци.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Пешаците да го минуваат коловозот на обележан пешачки премин затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, мора да придонесеме за побезбедни сообраќајници“, порачаа од МВР.
Македонија
Наталитетот зголемен, од почетокот на годината склучени помалку бракови во споредба со лани

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од оваа година, живородени се 4.009 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е зголемен за 2.9 отсто.
Во првото тримесечје од 2022 година, умреле 7 427 лица, а од нив 12 се умрени доенчиња, што претставува зголемување од 7.2 проценти во споредба со истото тримесечје од 2021 година.
Природниот прираст е -3 418, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Во ова тримесечје од годината се склучени 2.468 бракови, а нивниот број е намален за 8.4 отсто во споредба со истиот период од 2021 година.
Во ова тримесечје се добиени 459 извештаи за разведените бракови.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“

„Наместо да бега од одговори и да ја замајува јавноста, Христијан Мицкоски да излезе и да одговори пред граѓаните каде завршиле украдените пари од сметката на ЕВН Електрани и дали завршиле за финансирање на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ?
Како што е веќе познато, дури шестмина од седумте осомничени за малверзации со ниви во Делчево се директно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Мицкоски како прв човек во ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори дали осомничените работеле по негови инструкции, за ЕВН да плати 50 пати поскапо земјиште за соларни централи?
Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот шеф и ментор Никола Груевски и преку својот телохранител ги прикривал трагите за испумпување на пари од ВМРО-ДПМНЕ?
Прашањата се јасни и едноставни, Мицкоски треба да одговори“.
Соопштение на СДСМ