Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата излажа, сепак историските прашања се предмет на договарања

Власта на Ковачевски бесрамно ги лажеше граѓаните дека историските прашања и теми не се дел од пристапниот процес на Македонија кон ЕУ. И како за многу работи така и за ова излажаа без око да им трепне.
Прво Ковачевски на 30 јуни убедуваше дека „историските прашања не се дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ (францускиот предлог)“. По него и министерот Османи на 2 јули излажа „лага е дека историските и билатералните прашања се влезени во францускиот предлог“. Но, вистината е дека токму овие двајца излажаа, а по нив и сите други функционери од СДСМ и ДУИ. Лажеа-сушеа се дури не дојде денот да се дознае вистината, за жал болна и тешка за Македонија. Историските прашања, за жал, се предмет на договарања и оваа власт, за жал, е страната која распродава историски личности и настани.
Брзо се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ биле во право кога говореа дека Ковачевски и владата прифатија штетен предлог во кој обврските од Протоколот и историската комисија ќе доведат во ситуација државата или да се соочува со вечни преговори или со асимилација по бугарски диктат.
Историската комисија пред два дена објави пакет одлуки со кои неколку историски личности, цар Самуил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски се поврзуваат со средновековната бугарска држава, а дополнително за Македонија се предвидува минимализирање на конекциите со антиката на сметка на зголемено изучување на античките Дарданци и Тракијци.
Со ова безмалку целата средновековна историја на Македонија се поврза со средновековна Бугарија. Како тргнале Ковачевски и СДСМ во исполнување на бугарските желби за една година ќе ја ретушираат целата историја, па ќе остане после и нивните лични биографии да ги прилагодуваат на бугарските барања. Срамно и бедно. Оваа власт ја доведе Македонија во подредена положба. Оваа власт ги исплука сите оние кои се жртвуваа во нејзиното градење. Очигледно Ковачевски со Заев е во тесна трка кој е поверен следбеник на бугарскиот живковизам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.