Македонија
ВМРО-ДПМНЕ за договорот со Бугарија: Народот будно да ги следи состојбите, на Заев не може да му се верува

Зоран Заев и Владата водат тајни разговори со Бугарија. Заев да каже што прифаќа и дали на маса е македонската национална посебност, рече на денешната прес-коференција, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Го повикуваме народот да биде внимателен и сериозно да ги следи состојбите, бидејќи на Заев не може да му се верува. Тој до сега безброј пати покажа дека едно ветува, а друго прави“, кажа Стојаноски кои посочи дека досега од јавноста се криело дека воопшто се преговара, но од ВМРО-ДПМНЕ први го расветлиле тоа.
Тој посочи и дека опозициската партија е сериозно загрижена за државата.
„Сите ги знаеме бугарските позиции. Но, никој не ги знае позициите на Зоран Заев, тој јавно ги менува своите ставови и ја понижува Македонија. Позициите на Македонија со Заев се разнишани и постои сериозна опасност дека секој договор што тој би го постигнал ќе биде на штета на државата“, вели Сојаноски.
Тој уште еднаш го повика Заев јавно да каже дали на маса е нов национален пораз и порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува договор кој ќе значи негација на Македонија, нејзината национална посебност, јазик и историја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Каменуван македонскиот клуб во Бугарија

Каменуван е новоотврениот македонски клуб во Бугарија, „Никола Вапцаров“ кој се отвори во Благоевград. Ова го објавија бугарските медиуми кои се повикуваат на полициски информации. Според дел од нив, искршен е влезот на клубот. Инцидентот е пријавен на дваесетина минути пред 10 часот. Според првичните информации, искршено е стаклото од влезот на клубот.
Ваквите случувања доаѓаат по тензичниот ден на границата „Деве Баир“ каде беа уапсени тројца Бугари кои навредуваа полицајци, не политуваа наредби од униформирани лица и вербално ги напаѓаа. Не е познато кој го искрши влезот на македонскиот клуб, а кое доаѓа и по инцидентите со бугарските клубови во Македонија кои ги имаше во изминатиот период.
Бугарската „БНТ“ пишува дека пред објектот имало полиција која правела увид. Забрането било фотографирање и документирање на искршениот влез од клубот.
Македонскиот клуб беше отворен на крајот од октомври минатата година. Кратко потоа, се случија и првите проблеми помеѓу македонското здружение и институциите во Бугарија.
Македонија
Протерани тројцата Бугари, меѓу кои пратеник: Добија времена забрана за влез во Македонија и казна

Тројцата Бугари кои со погрдни зборови навредуваа полицајци на границата „Деве Баир“, по што беа уапсени, се протерани од Македонија. Судот во Крива Паланка им изрече забрана за влез во Македонија во наредните три години. Ќе треба да платат и по 300 евра казна за сторениот прекршок. Ваков е исходот од нивното изведување пред судија на претходна постапка.
Меѓу уапсените, а сега протераните е и пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев. Тој тврди дека бил тепан од полицајците, а тоа го пренесоа и медиумите од Бугарија. Од видеото споделено на социјалните мрежи се гледа само како тој е уапсен бидејќи не почитуваше наредба од службениците кои побараа од него да не снима, како и поплака зошто го апсат и да не го удираат.
Инцидентот се случи попладнево, кога тој и други граѓани останаа на границата „Деве Баир“.
Македонија
Грковска во Вашингтон: Западен Балкан е во срцето на Европа и тоа го прави клучен за стабилноста

За Северна Македонија, како најнова членка на НАТО Алијансата партнерството со САД, како и зачувувањето на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е од врвен приоритет. Западен Балкан е регион од стратешко значење за НАТО“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во синоќешното обраќање во Вашингтон, на панелот „Како да се спротивставиме на руското и кинеското влијание на Западен Балкан“, во организација на меѓународната независна Трансатлантската мрежа на лидери, со што и ја заврши работната недела во САД.
Таа нагласи дека е неопходна силна определба и упорност, независно од тоа што и Северна Македонија, како и останатите земји од регионот е изложена на руско влијание.
„Не смееме да дозволиме политички предизвици да станат безбедносни проблеми“ порача вицепремиерката Грковска, и дополни дека со се подолгото одложување на отпочнувањето на пристапните преговори граѓаните губат доверба во политиките кои се во насока на исполнување на нашата најважна стратешка цел – да бидеме дел од ЕУ. Следствено, со тоа и расте влијанието од Русија и Кина како резултат на зголемената недоверба на граѓаните.
За да се намали и спречи ваквото влијание, додаде вицепремиерката Грковска, важно е државите да ги негуваат демократските вредности, да го промовираат и унапредуваат владеењето на правото, еднаквоста пред законите, како и доследно да ги имплементираат принципите на доброто владеење. За крај, вицепремиерката порача дека силна економија во ЕУ значи стабилен регион. А тоа не можеме да го постигнеме без поддршката од САД.