Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за јапонските цреши
Владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ си упатија меѓусебни обвинувања за сечата и заболувањето на јапонските цреши.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека дрвата биле искасапени на најбрутален начин во време кога загадувањето руши рекорди.
„Местото кое важеше за белег на Скопје, стана место на пустош и мизерија. Со изговор дека се исушени ова е една од најмасовните сечи на дрвја во центарот на Градот. Со овој потег Шилегов и Богдановиќ покажаа дека нивните ставови за заштита на животната средина се лажни и манипулативни, додека ветувањата за разеленување на градот и општината стана научна фантазија. Истиве ликови докажаа дека не се кадарни и се тотално неспособни да се грижат за оние работи коишто им ги оставиле нивните претходници“, рече Антоанета Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ во реакцијата наведе дека ВМРО-ДПМНЕ глуми загриженост за садници кои биле заболени поради нивната долгогодишна негрижа.
„Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижеше за зеленилото докажуваат масовните сечи на на Водно, уништувањето дрвореди и цели паркови кои често се правеа во доцните утрински часови. Истото ВМРО-ДПМНЕ денес лицмерно глуми загриженост за дрвја кои ќе бидат заменети со нови садници. Како што јавно објавија институциите, Општина Центар, Град Скопје, станува збор за заболени дрва со габични инфекции, кои ќе бидат заменети со нови садници веќе в понеделник, додека вакво менување на заболени садници се случувало и претходно. Дрвата се заболени токму поради долгогодишната негрижа на тогашната градска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски, а денес се санираат штетите“, велат од СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

