Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за убиецот на Вања
Партиите и денеска со меѓусебни обвинувања за тоа со кого бил близок Љупчо Палевски, убиецот на малата Вања.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Спасовски и власта замижувајќи пред поведението на Палевски, создадоа монструозен лик кој се товари за две свирепи убиства, на велешанецот Панче и за малата Вања. Додаваат дека „Овие две убиства ќе им тежат на совеста на Спасовски и власта од повеќе причини“.
„Затоа што дозволија Палевски да сее омраза, да навредува, да се заканува и да клевети преку своите поткасти и гостувања на интернет порталот и за сето тоа да помине несанкциониран, ниту пак било кој од порталот или институциите да го опомене. Тоа го охрабри да почне да рекетира и да уценува, па дури и да убива. Власта на Ковачевски и Спасовски сето тоа го одмолча, мислејќи дека така и создава опозиција на опозицијата.
Друго, затоа што Палевски и неговата екипа кои сега се обвинети за монструозните убиства, пред 7 месеци биле откриени како копаат артефакти во Демир Капија и како со себе имале нелегално оружје. Доколку биле казнети тогаш, немаше да дојде до убиствата кои се случија сега.
Дополнително, Спасовски и власта треба на јавноста да и одговори зошто не се преземени сите мерки во истрагата после исчезнувањето на велешанецот Панче и неговото возило, со кое потоа е направено грабнувањето на малата Вања, иако било пријавено до полицијата? Зошто истото не било лоцирано во Скопје со системот Сејф Сити пред или веднаш после исчезнувањето на девојчето? Од МВР со денови молчат и не кажуваат дали е точно дека возилото било 3 дена во Скопје пред да се случи грабнувањето на девојчето, а истото возило било претходно пријавено како исчезнато заедно со сопственикот Панче Жежовски?
Молкот на Спасовски и власта покажува дека оваа трагедија се случи заради неказнивоста кон Палевски поради неговата заштита која ја уживал во партиски и полициски структури на СДС, поради тоа што после толку сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера се почуствувал охрабрен да стори вакво дело и поради тоа што постојат серија пропусти во истрагата уште после пријавувањето на исчезнувањето на првото лице, велешанецот Панче и неговиот автомобил“, пишуваат од партијата.
Од СДСМ, пак, бараат Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори, што се договарале на средбите со Палевски.
„Палевски, кој е осомничен за двојното убиство што ја потресе целата македонска јавност, беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ и јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица.
Со радикални ставови, Палевски беше алатка на ДПМНЕ во црна кампања против СДСМ но и против се што означува демократија во Македонија и за подгревање етнички тензии.
Неговата маргинална политичка партија со радикална и проруска ориентација е производ и алатка на политиките на преќутна агресија од страна на ДПМНЕ во изминативе две децении.
Како дел од Бојкотирам заедно со ДПМНЕ и Левица беа против членството во НАТО.
Беа и дел од насилните протести против францускиот предлог и поставуваа гилотина пред Собранието.
Надлежните органи, пред се Јавното обвинителство согласно законот имаат обврска да ги истражат односите на Палевски со сите негови соработници, вклучително и Мицкоски“, вели владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

