Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Криминалните шеми ги обединуваат Филипче и Ахмети и во опозиција
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Венко Филипче и Али Ахмети биле обединети во криминални шеми додека биле власт, а сега, како опозиција, дејствуваат координирано против безбедноста и интересите на граѓаните.
Во соопштението се наведува дека за време на седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ државата била оставена без систем, без одговорност и со високо ниво на криминал и корупција во сите пори на општеството.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети се поврзува со повеќе криминални афери, меѓу кои и случаите поврзани со неговиот внук Дрин Ахмети, купувањето на трговскиот центар „Соравија“, како и концесијата добиена од државната ЕСМ за ископ на варовник.
Во соопштението се наведува дека Филипче се поврзува со тешки трагедии и несреќи, меѓу кои пожарот во модуларната болница во Тетово, како и сообраќајните несреќи во Бугарија и кај Ласкарци, при што, како што се тврди, поради неодговорност и пропусти загинале 75 лица.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче и Ахмети повторно се обединети заради сопствени цели и заштита, наведувајќи дека пред десетина дена имале средба во Мала Речица, каде се координирале за идно политичко делување.
Во соопштението се посочува и дека нивните пратеници гласале против системот „Безбеден град“, што, според партијата, значи гласање против безбедноста на граѓаните во сообраќајот и заштитата на човечките животи.
Се наведува дека единствена грижа на Филипче е задржувањето на лидерската позиција во СДСМ, додека на последниот партиски конгрес, според ВМРО-ДПМНЕ, не присуствувала една третина од делегатите, што било доволно за покренување барање за негова смена, а дел од пратениците не присуствувале на седници што тој ги водел.
„Интересот на Филипче и Ахмети не се граѓаните, туку зачувување на нивните политички и бизнис интереси“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека партијата останува доследна на политики во интерес на граѓаните, со фокус на заштита на човечките животи, безбедноста на граѓаните и безбедноста на улиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Башановиќ, кумот на Вучиќ и екс советник на Заев, го води ПР-от на СДС
Башановиќ, кумот на Александар Вучиќ и екс советник на Зоран Заев во владата, го води ПР-от на СДС и Филипче – затоа се опседнати со Србија, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за контроверзна личност, како и матна личност во областа на енергетиката. Зоран Башановиќ е кум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кој не се во најдобри односи, па оттаму, Башановиќ преку Зоран Заев, Венко Филипче и СДС го напаѓа СНС од Србија, како и претседателот Александар Вучиќ. Имено, Зоран Башановиќ е естраден турбофолк менаџер и сопственик на телевизија во Србија, човек кој е апсен за крадење облека во САД. Тој е избркан од СНС затоа што склучувал милионски договори во сомнителни комбинации повикувајќи се на кумството со Александар Вучиќ. Исто така, Зоран Башановиќ е и куќен пријател на Зоран Заев во Грција. Човек кој му беше специјален советник во владата и земаше над 1.500 евра плата во тоа време. Но, како велат – сличните луѓе си се наоѓаат едни со други. Зоран Башановиќ, заедно со ПР агенцијата “Ај медија” во која соопштенијата и прес-конференциите ги пишува Милјан Шчекиќ, се лицата кои го навредуваат и омаловажуваат македонскиот народ“, истакна Манасиевски.
Според него, „сето ова се случува по насока на Заев, а Филипче и СДС говорат се што овие ќе им напишат“.
„Затоа повеќе не сме вчудоневидени од соопштенијата и прес-конференциите на СДС и Филипче во кои ги напаѓаат претседателот Вучиќ и владата во Србија. Башановиќ и Шчекиќ, од скопски хотел диригираат директно на Бихачка. Овие двајца се изворот на сите лаги, манипулации и невистини кои доаѓаат од СДС и Филипче“, заклучи Манасиевски.
Македонија
Првиот заменик-претседател на Владата Беким Сали го посети ООУ Ресурсниот центар „Иднина“ по повод Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром
Денес, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, Првиот заменик-претседател на Владата на РСМ, Беким Сали, реализираше посета на Основното училиште со Ресурсен центар „Иднина“, институција позната по својата посветеност и професионална поддршка на децата со посебни потреби.
За време на посетата, Сали истакна дека ова искуство не било само институционално, туку и длабоко човечко. Тој ја оцени позитивната атмосфера и ангажманот на персоналот, нагласувајќи ја важноста од градење на инклузивно општество каде секое дете има еднакви можности за развој.
„Секоја насмевка, секоја прегратка и секој чекор напред е доказ за силата и потенцијалот што ги имаат овие деца. Тие немаат потреба од сожалување, туку од можности и разбирање,“ изјави тој.
Заменик-претседателот на Владата исто така ја истакна одговорноста на институциите да обезбедат квалитетно образование, достоинство и почит за сите деца, без разлика. Тој додаде дека ангажманот за конкретни политики што ги поддржуваат семејствата и децата со посебни потреби ќе остане приоритет.
На крајот, Сали упати повик за континуиран општествен и институционален ангажман, нагласувајќи дека инклузијата и еднаквоста треба да бидат дел од секојдневието, а не само од симболични денови.
Македонија
СДСМ: Уште еден предмет за новиот обвинител – бизнис мрежата на Мицкоски
Антикорупцискиот тим на СДСМ ја разоткри бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката – систем во кој се испреплетени политиката и бизнис интересите, велат од СДСМ.
„Овој енергетски „октопод“ се протега од Душан Адамовиќ, функционер на сестринската СНС, преку офшор структури и „Rudnap Group“, до директни врски со Владата преку Божиновска.
Мрежата продолжува во клучни институции: во Развојната банка, каде е поставена Ефимија Димовски, сопруга на негиовиот партнер од хидроцентралите. Потоа во РЕК Битола, каде директор е Иван Куковски – семеен пријател на Мицкоски.
И конечно – во Регулаторната комисија за енергетика, со изборот на Ацо Ристов каде се носат одлуките за цените.
Сè е поврзано. Сите алки се на место. Се затвора кругот од производство и увоз на струја, преку финансии, до носење одлуки за цените.
Го потсетуваме новиот Јавен обвинител: поминаа три месеци без никаква реакција на сериозните индиции за криминалните тднери.
Време е за постапување.
Очекуваме итно постапување и за бизнис шемите на Мицкоски во енергетиката.
Да не чекаме уште три месеци. Време е за правда“, стои во соопштението на СДСМ.
