Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава поради тендерот за водоводната мрежа на Варшавска

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до секторот за организиран криминал и до јавното обвинителство поради, како што тврдат, наместен тендер од страна на градоначалникот, Петре Шилегов и директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски Весковски во јавното претпријатие.
„Во текот на 2020-та година во април со рамковна спогодба потпишуваат пет фирми за реконструкција на водоводна мрежа во текот на годината. Потоа во текот на јули и август месец се одвива реконструкција на улица „Варшавска“ од страна на фирмата КБК Инженеринг и КОДИНГ на водоводната мрежа. Да, потоа веднаш после завршување на работата во октомври месец се изврши изборот на најповолен понудувач за истата работа која што веќе е завршена од страна на фирмата КБК Инженеринг што уште еднаш покажува дека овој тендер бил однапред договорен и наместен за оваа фирма КБК Инженеринг и КОДИНГ“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој во изминатите денови во неколку наврати говореше на оваа тема пред новинарите.
Тој денеска истакна дека конечно некој треба да сноси одговорност во однос на парите кои што секојдневно се проневеруваат од страна на власта. ВМРО-ДПМНЕ се надева на реакција од страна на секторот за организиран криминал. Партијата, подвлече Арсовски, поднела обемен материјал со докази кои што го потврдуваат сето она кое што го говореле.
Весковски вчера на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за реконструкцијата на улицата Варшавска. Документите што опозициската партија ги објавува, според директорот Весковски, се фабрикувани, нецелосни и непотпишани, а со нив ВМРО-ДПМЕ манипулира. Весковски тврди дека објавените документи не се однесуваат на предметната јавна набавка и истите се прикажуваат за да се креира конструкција за незаконско работење со цел негова лична дискредитација во пресрет на локалните избори. Тој истакна дека ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување и тужба за клевета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Феликс бил убиен зошто мавтал со опашката, велат активистите

Убијците на Феликс денес во судница се осмелија да го наречат неговото радосно мавтање со опашката – напад. Снимка на која куче радосно им приоѓа ја користат како алиби за злосторството и доказ дека било агресивно. Крвникот Љубе Крстевски се појавува на само едно од шесте презентирани видеа и Феликс не се ни доближува до него, велат од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Тврдат дека љубопитност и приврзаност се причина за ѕверска ликвидација. Каква болна логика. Ако едно животно секојдневно ти приоѓа со доверба, тоа значи дека заслужува да биде убиено? Толку се бедни, што ова „доказно видео“ не им го доставиле на обвинителството и на адвокатката. Но не зашто е доказ за „агресијата“ на Феликс, напротив, зашто е неосновано и зашто сакаат да го манипулираат процесот зад затворени врати“, велат активистите.
Додаваат дека убивањето на невино животно што им верува на луѓето е злосторство што не може да се сокрие зад евтини извитоперени конструкции.
„Ја повикуваме судијката Лидија Петровска да изрече максимална затворска казна за убиецот Љубе Крстевски и неговиот соучесник Бранко Билбиловски. Тие не само што не се каат, туку тврдат дека Феликс „сам си го барал“ да го убијат“, велат од Зелен хуман град.
Македонија
Поради несовесно работење на судија, осуденик почнал да издржува затворска казна со задоцнување од една година

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден.
Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 05.04.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна.
Потоа, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови, се до 04.06.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово.
Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 07.06.2024 година.
По распишана централна потетница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода, и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.03.2025 година наместо во април 2024 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на работниот ручек со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во земјава, по повод завршувањето на полското претседавање со Советот на ЕУ.
Сиљановска-Давкова потсети на дведеценискиот македонски интегративен пат од добивањето на кандидатскиот статус, неправедните политички пречки коишто го кочат напредокот и ја поткопуваат јавната доверба во процесот на проширување во ЕУ.
Таа укажа на последните истражувања на јавното мислење во земјава коишто покажуваат зголемена недоверба во политиката на проширување, дури и кај младите луѓе.
Претседателката предупреди на штетноста од билатерализацијата, посочувајќи дека ирационалните прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата.
Нагласувајќи дека застојот носи далекусежни ризици и го прави нашиот регион ранлив, таа оцени дека со поткопувањето на стабилноста на Западниот Балкан се загрозува и стабилноста на Европа во целина. Европската интеграција, според претседателката, не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.
Сиљановска-Давкова го реафирмираше барањето да се движиме напред врз основа на заслуги, како и секоја друга земја-кандидат.
Охрабрувачки, според неа, е што данското претседателство препознава дека понатамошното проширување на ЕУ е геополитичка неопходност. Таа нагласи дека е добро што Данска планира да го води процесот на проширување преку континуиран политички дијалог и во согласност со Копенхагенските критериуми и пристап базиран на заслуги.