Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Реформите што ги вети СДСМ завршија пред да почнат
Република Македонија е заробена држава. СДСМ ги девалвираше правото и правниот систем во државата. Судството не работи по силата на законот, туку под притисок на власта, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на владејачката СДСМ.
„Реформите што ги најавуваа како да беа ветувани на први април, завршија уште пред да почнат. Правосудните органи се партизираат со партиски кадри, а институциите се користат за пресметка со политички неистомисленици. Апатијата што завладеа на општествено-политички план се отслика и во економијата. Минатата година економијата по долго време за првпат не оствари раст. Државата се соочи со пад на градежништвото од 20% и застој на сите инфраструктурни проекти почнати од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на опозициската партија.
Оттаму велат дека СДСМ не знае да менаџира со парите на граѓаните.
„Покрај тоа што ги троши немилосрдно и без концепт за раст и развој, истата ја задолжи државата со милионски суми. Притоа не само што не направи нешто продуктивно со истите туку и ги чува без за нив да зема камата, во исто време плаќајќи камата за основниот долг, со што до сега ја оштети државата за 1.5 милиони евра. Долга е листата на неуспеси на оваа власт. Неуспесите со СДСМ на власт станаа наше секојдневие. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да поднесе барање за гласање доверба на Владата. Граѓаните заслужуваат подобро. Државата заслужува подобро“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

