Македонија
ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање на потписи против законот за попис

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе почне процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече законот. Од партијата велат дека се подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе таа акција на терен.
Партискиот портпарол, Наум Стоилковски рече дека законот е без методологија и има индиции кои укажуваат дека тој нема да се спроведе како статистичка операција.
Одговарајќи на новинарски прашања, Стоилковски образложи дека акцијата за собирање на пописи би била спроведена преку подрачните единици на Министерството за правда, а луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите.
„Бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржан од сите“, рече Стоилковски.
Прашан што е со електронската иницијатива за потписи, Стоилковски одговори дека тоа е уште еден начин на кревање на свесноста на населението и притоа уште еден начин за притисок врз власта во однос на овој закон кој значи спроведување на политички договор наместо на статистичка операција.
Собраниската расправа за предлог-законот за попис заврши вчера. Законот се очекува да биде на гласање во понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.