Македонија
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Каракачанов лаже за бугарските пасоши

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту еден од нивните функционери, што ги посочи бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов, нема бугарски пасош.
„ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил. Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест. Очигледно дека Каракачанов воден од својата антимакедонска политика има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Понатаму се додава дека Владата постојано молчи на провокациите на Каракачанов, како во случајот со објавата на картата на Санстефанска Бугарија, и редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19 век.
Велат дека ВМРО-ДПМНЕ е единстевиот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги.
„Ако Владата молчи, ВМРО-ДПМНЕ не молчи и тоа многу го боли Каракачанов. Но она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Опозицијата им порача на Каракачанов и на Заев дека„ оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.