Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Коста Петров
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, најави кривична пријава за одговорност за директорот на Фондот за иновации, Коста Петров, за којшто тврди дека го прекршил законот со тоа што исплатил буџетски пари за рекламирање на Фондот.
„Да разјасниме: Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев, претседателот на СДСМ чиј заменик, односно потпретседател е Коста Петров, во 2017 година донесе заклучок според кој се задолжуваат сите органи на државната управа, се укажува на институциите кои немаат статус на органи на државната управа, се препорачува на единиците на локалната самоуправа да престанат да емитуваат, односно рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет-портали, со исклучок на социјалните медиуми. Според Законот за иновациски дејности, Фондот за иновации е формиран од Владата на Република Македонија, има статус на правен субјект, користи буџетски пари, она што е најважно практично затоа и беше донесена од СДСМ, тогаш беше и така промовирана оваа мерка користи буџетски пари Фондот за иновации на Република Македонија. А, вклучително и директорот на Фондот за иновации е назначен на седница Влада. Затоа, де факто овој заклучок на Владата што е донесен пред три години важи и за Фондот за иновации, односно за Коста Петров“, рече Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ бара од институциите да реагираат, а Фондот за иновации јавно да ги обзнани сите документи, каде се рекламирал Фондот за иновации, колку пари потрошил и кој ги исплатил тие пари, односно со чиј потпис.
„Кривична пријава за одговорност од ВМРО-ДПМНЕ, секако ќе има“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

