Македонија
Водостоите на сите реки во земјата се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи и во текот на денот

Според утринските податоци од хидролошките станици низ земјава, водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денешниот ден, известува УХМР.
Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата.
Значително е висок водостојот на река Вардар по целото нејзино течение, од горниот дел во Полошката Котлина, во градот Скопје и низводно накај Велес во средниот и долниот дел од сливот во Демир Капија и Гевгелија. Во текот на денот се очекува и понатаму да остане висок водостојот посебно во средниот и долниот дел од сливот каде би се префрлил водниот бран.
Висок е и водостојот на река Треска каде околу месноста Пласница е можно локално излевање на реката и поплавување на околните ливади. Во текот на денот се очекува постепено стагнирање на водостојот на река Треска, но тој да продолжи да биде висок. Исто така, висок е водостојот на река Струмица по целото течение на реката, а пред се поради врнежите во Косово и река Лепенец бележи зголемен водостој во текот на изминатава ноќ и изутринава кој во текот на денот се очекува да биде во намалување. Доколку денеска на одредени места врнежите бидат поројни можно е да се очекува брз и рапиден пораст на водостојот на помалите реки и суводолици, соопшти УХМР.
Од таму предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.