Македонија
Возач на ЈСП осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа, во која загина 17-годишник: со автобусот свртел лево за да избегне кабаст отпад и преминал во спротивната лента
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец постапувајќи по кривична пријава бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 12 август, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус, сопственост на ЈСП „Скопје“, по општинскиот пат Шуто Оризари – Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето, извести Обвинителството.
Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица, која го поврзува општинскиот пат со улицата Александар Урдаревски, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока.
Дејството го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност за другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил „форд галакси“, со скопски регистарски ознаки, со кој управувал 17-годишник, кој немал стекнато право за управување моторно возило.
При ударот оштетениот добил тешки телесни повреди, од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот добил тешки телесни повреди и е во животна опасност.
Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложи мерки на претпазливост – привремено одземање патна исправа за преминување државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

