Македонија
„Воздухот ни е отров, власта ни е глува“ – скопјани излегоа на протест против загадувањето
Со пароли „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Партиска книшка штити од загадување???“ и повици за чист воздух, скопјани протестираа поради загадувањето во главниот град.
Протестниот марш почна од пред Министерството за животна средина, а заврши пред Град Скопје, не заобиколувајќи ги ниту Владата и Собранието.
Собраните на протестот упатија повеќе барања кон надлежните, меѓу кои постојан мониторинг на индустриските објекти за да се откријат загадувачите. Побарано беше и еколошко загревање на објекти кои се уште користат мазут, како и потребата да му се даде проиоритет на јавниот превоз и велосипедите, наспроти автомобилите кои загадуваат. Демонстрантите повикаа и на подобро управување со отпадот.
Организаторите истакнаа дека надлежните сè уште не одговориле на нивните барања за чист воздух по протестот што се одржа на 10 декември.
Протестот го поддржаа „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Скопје смог аларм“, „Независни за Карпош“, „O2 иницијатива“, „Зелените од Гази Баба“, „Иницијатива за ослободување од еднократна пластика“, „На точак“, „Go Green – Биди зелен“ и „Слобода на говорот“. Претходно денес стигна поддршка и од политичката партија ДОМ која повика на промоција на обновливи извори на енергија и воведување на енергетски ефикасни решенија до зајакнување на инспекциските контроли и казнување на загадувачите.
Според информациите на Светската банка објавени минатата недела, загадувањето годишно убива 2.800 државјани на Македонија, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потребата од нов Закон за помилување на маса на средбата помеѓу Давкова и Филков
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари работна средба со министерот за правда, Игор Филков, на која стана збор за соработката во процесот на помилувањето, но и за потребата од донесување на нов Закон за помилување.
Како што соопштија од кабинетот на Давкова, на средбата беа разменети и аргументирани мислења за актуелните и претстојните реформи во правосудството.
Сиљановска-Давкова и министерот Филков се согласија да остваруваат редовни средби поврзани за нивните надлежности низ призмата на правото и правдата.
Македонија
Деспотовски остана без пасош
Кривичниот суд го прифати барањето на скопското обвинителство за одземање на пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски.
Тој има обврска повремено да се јавува во судот.
Обвинителството претходно соопшти дека против Деспотовски се води претходна постапка за злоупотреба на службената положба и овластување, но официјално, се’ уште нема детали што опфаќа постапката, додека според некои информации во јавноста, истата, се однесува на финансиски недоследности поврзани со приватна компанија.
„Во предметот се’ уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, велат од Обвинителството.
Деспотовски претходно ги демантираше тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција. Наведе дека ги презема сите потребни правни чекори за заштита на неговата чест и углед, а неговата достапност за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина.
Македонија
Обвинителството побара одземање на пасошот на Деспотовски, се води постапка за злоупотреба на службената положба
Скопското Обвинителство води претходна постапка за ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, поради злоупотреба на службената положба и овластување.
Од Обвинителството информираа дека надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост.
„Во предметот се’ уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, велат од Обвинителството.