Македонија
Вонредни контроли во рестораните, месарниците и рибарниците: уништени 624 килограми небезбедна храна
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со цел обезбедување на висок степен на заштита на здравјето на потрошувачите, покрај редовните, спроведува и засилени, вонредни контроли кај сите оператори со храна.
Акцент со контролите во овој временски период ставен беше на операторите организираат предновогодишни и новогодишни прослави и во месарници, месарници со работилница, рибарници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, каде периодов има зголемена побарувачка и потрошувачка на храна.
„На територијатата на цела држава спроведени се вкупно 423 надзори во гостилници и ресторани и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло. Генералните неусогласености утврдени со контролите се однесуваат на неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените лица, неусогласености во однос на хигиенските и микробиолошките барања за безбедност на храна и вода, нерегистрирани правни лица како оператори со храна во АХВ. Кај неколку оператори најдена е небезбедна храна и храна со поминат рок, утврдено е несоодветно складирање и селектирање на храна, нередовно ажурирање на записите за Добра хигиенска, Добра производствена пракса и HACCP, неспроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, како и неземени мостри од храна за лабораториско терстирање, производи без декларации и со нецелосни и нејасни декларации и други помали недоследности, за што се издадени соодветни решенија“, соопшти АХВ.
Со спроведените контроли и утврдените недоследности изречени се 60 парични казни во вредност од над 33 илјади евра во денарска противвредност за операторите и одговорните лица во нив. Изречени се и соодветни опомени и издадни решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности.
Како небезбедни, уништени се над 624 килограми небезбедна храна, од кои 567 килограми производи од месо.
„Како одговорна институција, апелираме до граѓаните во пресрет на новогодишните празници, храна да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите како и на тоа каде тие се чуваат. Во домаќинствата важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура“, велат од АХВ.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

