Македонија
Во акција на МВР и Обвинителството приведени две лица за примање поткуп и награда за противзаконито влијание

Две лица се приведени под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Акцијата е во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а некои од медиумите неофицијално објавија дека еден од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Мега проектот за Стаклара – Каменик конечно станува реалност

Мега проектот за Стаклара – Каменик конечно станува реалност – после половина век мојот народ добива чиста вода за пиење. Работа и само работа, а не празни флоскули е она што нас нѐ одликува, а кога се работи чесно за народот, резултатите се очигледни, информира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Чест ми е да ве информирам, почитувани мои, дека после поставувањето на фекална мрежа со што решивме децениски проблем, започнуваме со решавање на уште еден најгорлив – а тоа е овие населени места да добијат чиста вода за пиење, после половина век. Се работи за поставување на водоводна мрежа од околу 6 километри, во кој проект учествува Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка во првата фаза, додека општина Кисела Вода со свои средства ја реализира втората фаза. Согласно динамиката на работа во реализацијата на проектот, ќе се изгради пумпна станица и потисен цевовод до резервоар, како и главен цевовод низ населбата. Ова исто така значи дека и по завршувањето на градежните активности, го затвораме поглавјето со подземна инфраструктура и конечно, после 50 години, Стаклара ќе биде последното место без соодветно водоснабдување“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Потоа, додава тој, следува и асфалтирање на сите улици, со што Стаклара од една заборавена населба ќе стане уште една гордост на Кисела Вода.
Македонија
Македонија и Унгарија ќе потпишат договор за стратешка соработка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на земјава.
„ Во фокусот на разговорите ќе бидат можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, кои изминатиот период остварија интензивна и плодна соработка, како и тридецениското пријателство и континуираниот пораст на трговската размена“, соопшти МНР.
Од таму додаваат дека во рамките на посетата, се очекува потпишување на: договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028.
Македонија
(Видео) Кузеска: Расипничка власт, 3 милиони евра за мобилни телефони додека народот нема за леб

Уште една епизода на расипништво, аздисано трошење на парите на народот и целосна одлепеност на власта за реалните потреби на граѓаните, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Само во првите пет месеци од оваа година, според неа само дел од институциите под капата на власта склучиле договори за мобилна телефонија и интернет во вредност од 2,9 милиони евра.
„3 милиони евра, пари на граѓаните. Ако се додадат на ова и сумите од сите министерства, МВР агенции, и така натаму бројката е огромна. Во време кога народот нема за леб, инфлацијата расте и го јаде животниот стандард, во време кога луѓето пресметуваат дали да купат лекови или храна,
Кога болниците немаат основни средства, пациентите носат завои од дома, нема лекови.
Кога родителите во Кочани сами ги лекуваат децата повредени во трагедијата!
Додека народот во Македонија страда, власта троши милиони евра за телефони“.
Прашува, колку им е доволно на министрите да се најадат, да се напијат, да зборуваат на телефон, на сметка на граѓаните.
Додава дека оваа власт не знае за граници.
„Па за тоа ли ги задолжија граѓаните со 7 милијарди евра? За ова ли да плаќа нашиот народ?
Секој ден гледаме како ВМРО-ДПМНЕ ја користи власта не за да им служи на граѓаните, туку за да им се изживува. Народот крпи крај со крај, а функционерите на Мицкоски се луксузираат, па сега уште и со службени телефони“.
СДСМ, како што рече, бара власта веднаш да се откаже од оваа аздисаност и веднаш да ги намали драстично парите за луксуз на функционерите. Парите, нагласи таа, треба да се пренаменат за оние на кои им се најпотребни.
„Не може да нема пари за плати на народот, за болници, градинки, за загинатите и повредените од Кочани а функционерите да трошат 3 милиони евра за телефони“.