Македонија
Во болниците во Македонија од коронавирус се лекуваат 595 пациенти

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 595 и има речиси 450 празни болнички кревети во ковид-центрите.
По извештаите на болниците што пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, вкупно 252 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје, а 343 пациенти во другите градови.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 35 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 25 пациенти, во Велес се лекуваат 24 болни, а во Куманово 48 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 50 пациенти, во Прилеп – 17, во ковид-центарот во Гостивар – 16, а во Струга – 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 19 пациенти, во Кочани – 2 во Кичево – 8, во Кавадарци – 14, во Гевгелија – 6 лица, а во Дебар – 13 позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитетите и доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јакимовски: Георгиевски да не се прави газда во туѓ двор, јас не сум дал ветување на граѓаните на Злокуќани и Карпош дека ќе им доведам зависници од дрога

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски заедно со локалното население од Злокуќани ги повикаа владата и министерството за здравство да ја преиспитаат намерата да го префрлат центарот за зависници од Кисела Вода во болницата Бардовци.
„Имам крајно непријатна потреба да се обратам до јавноста, затоа што се наоѓаме пред болницата за душевно болни „Бардовци“ што се наоѓа на територија на општина Карпош и уште понепријатно ми е што граѓаните мораат на ваков начин да го изразуваат револтот на ваков начин и јас како градоначалник. Нормално е кога треба луѓе да се лекуваат. Треба и ние да создадеме услови за лекување на секој еден. Оваа душевна болница е скоро 60 и кусур години на оваа локација. Граѓаните се веќе научени со проблемите што ги имаат со нејзе, со децении, и очигледно дека веќе немаме никаков проблем. Но, сега се јавува еден огромен проблем, затоа што министерството за здравство сака сите лица зависници од опојни дроги да ги донесе овде и лекувањето да биде во душевната болница. Ние немаме проблем да се врши лечење, но секој треба да се лечи во својата општина. Што значи тоа? Сите зависници од општина Карпош, треба да се лекуваат во Карпош, и сите што се во други општини да се лечат на други места. Јас го побарав министерот за здравство, му објаснив дека имаме сериозна реакција од граѓаните, во исто време и јас не се сложувам со ваквиот начин на решавање на проблемите. Објаснувањето беше дека имаат само два тима“, изјави градоначалникот Јакимовски на прес конференција.
Јакимовски предупреди дека доколку се реализира планот на министерот за здравство директно ќе се загрози животот на жителите на Злокуќани, кои во моментот веќе трпат огромен терор од неколку семејства доселени од Косово кои се недопирливи за полицијата, обвинителството и судот.
„Не можеме ние само да бидеме колатерална штета и граѓаните на Злокуќани, затоа што имаме неодговорно министерство, не зборувам само за ова, зашто има само два тима за лекување. Замислите, сакаат сите овие зависници од дрога, што биле во Кисела Вода да ги префрлат овде во Карпош, и замислете кое е објаснувањето. Градоначалникот на Кисела Вода имал изборно ветување дека ќе ги тргне зависниците од болницата каде што се лекуваат во Кисела Вода. Јас на колегата Орце Георгиевски сакам да му порачам дека оваа работа не е наша општинска, ова е државна работа. Второ, ако тој има дадено ветување да ги трга од својата општина зависниците од дрога, јас не сум дал ветување на граѓаните на Злокуќани и Карпош дека ќе им доведам овде зависници од дрога од територија на сите општини на град Скопје. Затоа сметам дека тој најмалку треба да се прави газда во туѓ двор, односно најмалку да посочува каде треба да бидат сместени. Од друга страна морам да упатам критика до министерството за здравство, мора да си најде решение, но овие граѓани овде нема да дозволиме да бидат реметени токму од зависниците од опојни дроги, затоа што Злокуќани и сега трпи огромен терор, особено од неколку семејства што се доселени од Косово со кои не може да се справи ни полицијата, ни обвинителството, ни судовите, ни граѓаните, и сега ако го направиме и овој дополнителен товар на овие граѓани буквално покажуваме желба да ги исселиме, а никако да им го подобриме животот и животните услови“, изјави Јакимовски.
Градоначалникот предлага секоја општина да се грижи посебно за зависниците од дрога од својата општина, за конечно да се надмине овој проблем.
„Општината направила се, овие луѓе да живеат тука во слога и да имаме нормално функционирање на локалната самоуправа. За жал имаме обид за реметење на животот на овие граѓани. Минатата власт сакаше во Бардовци да ни донесе имигранти, оваа власт сака да ни ги донесе зависниците од дрога. Луѓето имаат објективни причини да се плашат кој во нивна близина ќе постои и ќе оперира. Затоа сметаме дека секој треба да се лечи во својата општина, министерството мора да го коригира ставот, во спротивно ќе имаме сериозни проблеми. Граѓаните ова не го заслужуваат“, изјави градоначалникот на општина Карпош.
Жителите на Злокуќани предупредија дека доколку ги донесат зависниците во оваа населба, староседелците ќе бидат принудени да се исселат бидејќи ќе имаат многу проблеми со нив. Затоа јавно порачаа дека нема да се сложат со ваквата евентуална одлука на министерството за здравство.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Сакал или не СДС, поквалитетно образование во Македонија ќе има

СДС не сакаат Македонија да има поквалитетен образовен систем. Да беше поинаку, ќе се заложеа во нивните 7 години власт да направат нешто корисно, наместо да го закотват образованието на дното на ПИСА, ТИМСС и Шангајската ранг-листа. Сега започнуваат вистински промени кои ВМРО–ДПМНЕ ги вети пред изборите, тие се дел од владината програма за работа, се реализираат и токму тоа е нивната болка, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на СДСМ за образованието.
„На празни прес-конференции СДС изразува загриженост за образованието, која до јуни 2024 година не постоеше. Постоеја само лични и партиски интереси во владеењето. Ја видовме и нивната „инклузивност“ и „транспарентност“, кога носеа концепции и одлуки со декрет, насилно и без консултирање на засегнатите чинители. Тоа јавноста не го заборави. Не ја заборави дрскоста на Мила Царовска и затоа се сега во опозиција.
Транспарентноста во креирањето на политиките е одлика на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ. За секоја промена се консултира експертската и пошироката јавност, а така ќе биде и со Концепцијата за гимназиско образование за која во тек е јавна дебата. Се слуша мислењето на засегнатите, а како што и најави ресорната министерка, процесот ќе се заокружи со собраниска дискусија во која пратениците на СДС ќе можат да го кажат своето мислење, доколку го оформат дотогаш“, се истакнува во нивното соопштение.
Годинава за образованието според владејачката партија е одвоен најголем буџет досега.
Појаснуваат дека изнесува 38 милијарди денари со кои ќе се подобруваат наставата, инфраструктурните услови, правата и можностите за учениците, студентите, наставниците и професорите. Тоа, за ВМРО-ДПМНЕ е важен показател за посветеноста на актуелната Влада кон овој ресор.
„СДС и ДУИ не двоеја толку, бидејќи парите завршуваа во набавки за личен профит, како оние 10 милијарди денари за набавка на висококанцероген мазут“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Почна изградбата на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога

Почна изградбата на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога.
Според премиерот Христијан Мицкоски, овој граничен премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи – од едната и од другата страна на границата, а таквите примери се позитивни и за двете држави.
Во таа насока, како што рече Мицкоски, треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме, затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави.
„Што се однесува до самиот настан денес, покрај ова што денес го почнуваме, изградбата на овој граничен премин, јас сум и во Ресен, заедно со градоначалникот, заедно со луѓето од Ресен, да посетиме неколку проекти што се резултат од работата на администрацијата, на градоначалникот. Навистина импресивно и даваме поддршка за сето ова што се случува. Инаку, што се однесува до техничките карактеристики, инвестицијата и сѐ друго поврзано со изградбата на овој граничен премин, ќе ми дозволите да се заблагодарам на Европската Унија, на УНДП, на општините кои се опфатени – четири општини, две од Албанија, една од соседна Грција и една од кај нас, Ресен, нормално“, изјави Мицкоски.
Тој очекува набргу од денес и свечено ќе биде пуштен во употреба овој граничен премин.