Македонија
Во возило кај Штип пронајдени 63 мигранти
При преглед на возило кое се движело од Штип кон селото Кадрифаково биле пронајдени 63 мигранти.
Од МВР велат дека полициски службеници забележале товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки. Во еден момент возачот го запрел возилото и го напуштил местото.
Полициските службеници извршиле преглед на возилото, при што во просторот определен за товар биле затекнати 63 мигранти од кои 18 малолетни лица (62 лица биле од Авганистан и едно од Сомалија).
Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Комунална хигиена-Скопје подигна 𝟨𝟢 кубни метри отпад од диви депонии во текот на изминатото деноноќие
Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 60 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини во скопските општини Кисела Вода, Центар, Ѓорче Петров и Чаир.
На улицата Димо Хаџи Димов во општината Кисела Вода се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен отпад од картонска амбалажа. Во општината Центар се расчистени неколку диви депонии лоцирани на булеварот Партизански одреди и улицата Даме Груев.
Интервенирано е и кај црквата Св.Ѓоргија во месноста Криви Дол, зад скопското Кале, каде што е отстранета дива депонија од самиот влез во црквата.
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден подигнаа и приближно 20 кубни метри кабаст отпад одложен долж булеварот Македонско-косовска бригада во општината Чаир, како и 15 кубни метри мешан комунален отпад и автомобилски гуми одложени на улицата Борис Сарафов во скопската општина Ѓорче Петров, извести Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
Герасимовски: Учениците бараат почист воздух, неопходна е стратегија од сите општини и градската власт
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски утрово одржа час по локална самоуправа со учениците од четврто одделение од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, кадешто ги запозна со работата на локалната самоуправа и тековните активности, но и како функционира Советот.
Герасимовски потенцираше дека еден од главните приоритети во неговиот мандат е подобрувањето на основните училишта на територија на општината.
„Во изминатите три години заедно со мојот тим значително ги подобривме условите во училиштата. Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ го саниравме покривот и обезбедивме сензорна соба. Првачињата од Песталоци, но и од сите осум други училишта добија бесплатни ранци и училишен прибор. Направивме реконструкција на четири училници и нова спортска сала во „Кочо Рацин“ и изградивме четири нови училници, два кабинети, еден тоалет за лица со попречености во училиштето „Коле Неделковски“. Ги саниравме училниците во ООУ „Димитар Миладинов” и реконструиравме свечената сала”, изјави Герасимовски по средбата.
Во однос на прашањата од учениците како да се намали загадувањето на воздухот, Герасимовски потенцираше дека потребна е заедничка стратегија на градот и општините за да им се помогне на граѓаните.
„Општина Центар се грижи за здравјето на дечињата, поставени се прочистувачи за воздух во секоја училница во сите осум училишта. Како еден од проектите што ги имплементираме е доделување субенции за купување велосипеди со што ги поттикнуваме жителите на Центар за еко превоз како подобра алтернатива. Центар е највело општина која се грижи за велосипедистите. Но, мора сите општини заедно со градската власт да направиме план за проблемот со загадувањето“, рече Герасимовски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Потребна е јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност
„Денес зборуваме за една важна тема, која со годините многу малку била предмет на темелно студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките кои треба да се превземат за поголем квалитет на услугите коишто ги добиваме од администрацијата. Но и иновациите како важен предизвик на тој план“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Ова е тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани, туку и го обликува лицето на нашата држава.
Нашата визија е јасна: сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори.
Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност и отчетност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални, а за нив треба да се најдат решенија.
Нашите цели за реформа опфаќаат:
1. Дигитализација на услугите: Обезбедување што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, на еден клик од граѓаните. Со тоа ќе го намалиме времето за чекање и ќе го задоволиме она коешто го очекуваат корисниците од нас.
2. Ефикасност и професионалност: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста.
3. Транспарентност и отчетност: Зајакнување на механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните пари.
4. Намалување на бирократијата: Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи.
5. Вреднување на трудот: Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност“, изјави Мицкоски.