Македонија
Во вторник ССМ ќе ги блокира пратениците, во четврток газдите, а на 17 февруари Владата: ќе мора пешки да поминат пред работниците
Откога владин претставник вчера не се појави во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) да потпише спогодба за зголемување на минималната плата и сите останати плати, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денес кажа дека протестите за минимална плата 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за 100 евра, продолжуваат со блокади на институциите. Прва институција која што ќе ја блокираат работниците ќе биде Собранието. Во вторник следната недела, 10 февруари, нема да им дозволат на пратениците да дојдат во Собранието со автомобили.
„Советот на ССМ за организирање протести, блокади и штрајкови одржа седница на која одлучи на 10-ти февруари да го блокираме Собранието. Да ги блокираме пратениците кои нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе треба да поминат покрај работниците и да им кажат зошто тие ќе имаат право на зголемување на нивните плати, а го чуваат во фиока предлогот на ССМ за зголемување на платите на работниците“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Во четврток, пак, на 12 февруари работниците ќе ги блокираат газдите, односно Организацијата на работодавачи, Стопанската комора и Сојузот на стопански комори, а на 17 февруари ССМ ќе ја блокира Владата и нема да дозволи министрите, како и претседателот на Владата да дојдат со автомобили туку ќе бидат принудени пеш да минат пред работниците.
ССМ утре во Собранието официјално ќе ја достави иницијативата за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица со која предлагаат место просечна плата основица за пресметка на платите да биде минималната плата.
„На овој начин, им даваме можност да покажат дека нема да овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија и дека се подготвени да ги намалат своите плати за 40 проценти само со измена на оваа законска одредба, а дополнително да ги намалат и коефициентите за сложеност за 40 проценти“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
Доколку Владата и понатаму нема слух за барањето на работниците минималната плата да се покачи на 600 евра плата и 100 евра линеарно покачување на сите останати плати, можен е уште еден голем протест пред конечна одлука за генерален штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

