Македонија
Во домот на охриѓанец пронајдени над 7 000 петарди и ракети
Полицијата пронајде над 7 000 пиротехнички средства во домот на 31-годишно лице од Охрид.
Како што соопшти МВР, при претрес во домот на лицето со иницијали А.С. на улицата Ристо Чадо биле пронајдени и одземени околу 7 435 парчиња нелегални пиротехнички средства. Меѓу нив имало пиротехнички ракети, како и петарди од различни производители.
По целосно документирање на случајот, СВР Охрид против лицето ќе поднесе соодветна кривична пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски го обвини Фрчкоски за финансиски злоупотреби, тој возврати со предизвик за докази
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, обвини дека поранешниот амбасадор во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, направил значителни финансиски злоупотреби во текот на својата дипломатска должност. Според Муцунски, истрагата на министерството покажала штета во износ од шест цифри во евра, а извештајот ќе биде доставен до надлежните институции до крајот на месецот.
„Треба да му биде на секого јасно дека тоа што го видов, сум загрижен. Вакви состојби не смеат да се повторуваат како што се случувале во изминатите години. Индициите укажуваат на штета во шестоцифрен износ. Беше споменат и терминот тужба, но и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази,“ изјави Муцунски.
Министерот истакна дека постапката сè уште е во тек, поради што деталите не можат целосно да се откријат, но увери дека ќе се постапува според законските процедури.
На обвинувањата на Муцунски, Љубомир Фрчкоски возврати со отфрлање на наводите, нарекувајќи ги манипулативни и наивни. Тој јавно го повика министерот да презентира конкретни докази за злоупотреба на јавни средства.
„Го повикувам министерот јавно, со минимум аргументи и докази, да покаже случај на финансиска злоупотреба, дури и ако е во двоцифрен износ. Покажете го тоа што наводно сум го направил надвор од овластувањата и со кое сум го оштетил буџетот или приватно сум злоупотребил средства,“ рече Фрчкоски.
Тој го обвини министерот за спроведување „вмровски истраги“ и користење нелиценцирани ревизори, што, според него, е правно проблематично и не може да се користи како основа за правна постапка.
„Министерот прави елементарни правни пропусти за да добие посакуван резултат со конструирање на наводни злоупотреби. Ако навистина има намера да дојде до вистината, нека води нормални истраги, а не политички инспирирани обвинувања,“ додаде Фрчкоски.
Македонија
Снег провејува на Попова Шапка и на преминот Пресека
На Попова Шапка и планинскиот премин Пресека провејува снег со слаб интензитет, кој засега не се задржува на коловозот, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива редовно, во зимски услови, а коловозите се главно влажни. Сите патни правци се проодни и нема забрани или ограничувања за движење.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно. Особена претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои ризик од одрони. Меѓу потенцијално ризичните делници се наведуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Возачите се потсетуваат дека зимските услови бараат дополнителна подготвеност, како и задолжителна зимска опрема за непречено и безбедно патување.
Македонија
Дел од општина Карпош остана без вода
Без вода денеска од 17:10 часот се три куќи и болницата „Неуромедика“ на улицата „Влае“ во општина Карпош.
Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради уличен дефект на водоводена цевка Ф-100 милиметри од страна на изведувачот „Елма Градба“ на улица „Влае“ број 57.
Дефектот, како што се наведува, ќе биде саниран од изведувачот „Елма Градба“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.