Македонија
Во ковид-центрите во земјава се лекуваат 540 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 540 пациенти позитивни и суспектни на коронaвирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 35 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 53 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 26 пациенти, во Велес се лекуваат 26 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 70 пациенти, во Прилеп 73 во ковид-центарот во Гостивар 31, а во Струга 22 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 46 пациент, во Кочани 18 во Кичево 8, Кавадарци 27, во Гевгелија 12 лица, а во Дебар 5 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Министерството за здравство соопшти дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 871 и има околу 450 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Од МЗ велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

