Македонија
Во ковид центрите во Скопје вкупно се лекуваат 410 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 42 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во ковид центарот на Клиниката за Неврологија и 17 болни се хоспитализирани на новото одделение на Клиниката за Гастроентерохепатологија.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти. На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни.
Вкупно 410 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Од вчера на Интерните клиники почна да функционира и ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија, а се очекува да започне со работа и ковид центарот на Клиниката за Нефрологија. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна подршка“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.