Македонија
Во ковид-центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 28 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 28 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 426 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 19 приеми, и тоа еден пациент бил хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, двајца болни на Клиниката за дерматовенерологија, седум пациенти на ковид-одделението на Клиниката за гастроентерохепатологија и осум пациенти се примени на Клиниката за нефрологија. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало пет нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени четворица.
На Кожната клиника во ковид-центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 25 лица. Во ГОБ „8 септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 12 деца и 28 возрасни.
Од вчера пациенти сомнителни и потврдени за Ковид- 19 се примаат и во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени осум пациенти и има уште 17 слободни кревети.
Вкупно 426 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Во наредните неколку дена со работат ќе почне и ковид-центарот на Клиниката ОРЛ. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски со претставници на литванскиот Парламент – Сејмас: фокусот на унапредување на соработката со цел силна поддршка на процесот на проширување на ЕУ
Во рамки на работната посета на Литванија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево го посети литванскиот Парламент – Сејмас, каде оствари одвоени средби со пратеници, членови на Комисиите за надворешни работи и европски прашања, како и со Групата за меѓупарламентарна соработка со земјите од Западен Балкан.
На средбите, Муцунски ја нагласи важноста на парламентарната соработка и улогата на народните претставници во продлабочувањето на односите меѓу двете држави. Тој истакна дека парламентарната дипломатија претставува значајно дополнување на класичната дипломатија, особено во промовирањето на дијалог и градењето стабилни партнерства.
Фокусот на дискусиите беше ставен и на можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу литванските и македонските пратеници – како на билатерално ниво, така и во рамките на европските парламентарни форуми – со цел продолжена и силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија.
Македонија
Поради превенција од свлечиште на Водно надлежните на итна координација
Поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“, и реалната опасност од негово понатамошно ширење, по иницијатива на Општина Центар беше одржан итен координативен состанок на кој учествуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претставници на ЦУК, ДЗС, ДИГУ-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.
На состанокот беа донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно.
Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
„Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече Герасимовски.
Македонија
Мицкоски: Уставниот суд и Кацарска го укинаа линеарното зголемување на пензиите, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија
„Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествуваа во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања.
Мицкоски додаде дека според последната информација, судијката на Уставниот суд, Кацарска ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд“, рече тој.
Истакна дека ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии.
Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија“.
Според премиерот, ваквата одлука е неправда за пензионерите.
„Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите“, дециден е Мицкоски.

