Македонија
Во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 14 нови пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 14 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 426 лица сомнителни и потврдено за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 6 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за нефрологија, на Клиниката за неврологија, на Гастроентерохепатологија и на Очната клиника, а двајца на Клиниката за дерматологија.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани двајца болни.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 21 пациент, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 29 пациент со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 12 пациенти, а на ОРЛ 17 болен. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 21 пациент.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 103 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 133 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има пациенти.
Вкупно 426 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изборот на органите во МРТ и АВМУ со просто мнозинство е ризичен, реагираат новинарските организации

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство.
Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието на РСМ да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива.
„Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил ‘мерит-системот’ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постоечките закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат од новинарските организации.
Дополнително, како што велат, загрижува фактот што овој Закон е предложен да биде усвоен по брза постапка, без никакво образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата, ниту, пак, за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во неговото носење.
Оттука додаваат дека начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците. Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение.
За начелото за избор со двотретинско мнозинство, новинарските и медиумските организации се залагаа и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ.
Македонија
Експертите од Националната конвенција бараат да се формализира работата од дома

Да се формализира во законски рамки работата од дома, која се наметна како потреба за нов начин на организирање на работата во време на пандемија е една од главните препораки на експертите што учествуваа на денешната онлајн осма сесија на Националната конвенција за ЕУ од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека темата е од суштинско значење за утврдување на правните механизми за регулирање на оваа материја.
„Пандемијата не е само здравствена туку, и економска и социолошка криза што ги погоди и многу моќните економии, бидејќи вирусот е бескомпромисен. Во кризниот период приоритет беше да се зачуваат работните места и помошта на ранливите категории, со цел да им помогнеме и на компаниите и на работниците. Работата од дома, која се наметна како нов концепт и како нов начин на работа, стана сериозно искуство и ова ќе биде вградено во новата законска регулатива понатаму. Социјалната реформа беше ставена на тест. Одговорно тврдам дека таа овозможи да ја пребродиме кризата“, изјави Шахпаска.
„Работата од дома како начин на организирање на работниот процес ќе продолжи и по завршување на пандемијата што бара системско регулирање на оваа материја“, изјави професорот на Филозофскиот факултет од Скопје, Јован Пејковски.
Притоа, како што додаде тој, ќе биде потребно да се прецизираат и други детали, како максималниот и минималниот број на работни часови, минималниот надомест, начинот на кој ќе се напредува во кариерата, под кои услови може да се прекине договорот за работа, користењето боледување и одмор, заштита при работа од дома, заштита на мајчинстовто, период на исплата на платата, работа од дома на определено и на неопределено време, каква е обврската за известување на работодавачот во поглед на промени на обврските и условите, плаќање на прекувремена работа во случај кога е зголемен обемот на работа, кои се обврските на работодавачот, одржување на опремата, инсталациите, зајакнување на интернет-врската, дигитализација, инвестирање во информатичка технологија, заштита на податоци и слично.
На ова барање се надоврзаа и професорите Лазар Јовевски, од Правниот факултет и Зоран Михајлоски од Американ колеџ, кои нагласија дека начинот на работа од дома треба да се уреди со реформата на Законот за работни односи која е во тек.
Дел од експертите се согласија дека кризата се одрази и врз балансот на родовата рамноправност.
„Кризата има и родова димензија, покрај правниот механизам за кој денеска дискутираме. Здравствената криза отвори многу предизвици. Ги погоди сите земји во светот и од родов аспект и ја засили постојната нерамноправност“, изјави Габриела Маџовска од МТСП.
На тоа се надоврза и универзитетската професорка Македонка Радуловиќ, која зборуваше за ранливоста на вработените жени на пазарот на трудот и која препорача да се воведе и контрола на имплементацијата на новата регулатива, како и тоа дека треба да се отворат детски градинки што ќе работат 24 часа за родители што работат на смена, како и обезбедување семејни асистенти.
На дебатата се вклучија и словачките експерти Даниел Шкобра и Томаш Стражај, кој се заблагодари за организацијата на вебинарот и покрај пандемијата со коронавирусот и посочи дека целта на ваквите сесии, како и на самата Национална конвенција е да се споделуваат искуства и да се помагаат и поддржуваат експертите меѓусебно.
„Во планот на ЕУ за заздравување од пандемијата се вклучени не само 27-те членки, туку и неколку други држави, меѓу кои и Северна Македонија. Сакам да нагласам дека Словачка целосно ги поддржува заложбите за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија“, рече Стражај.
Во тој контекст дебатата ја заклучи координаторката на Националната конвенција, проф. д-р Милева Ѓуровска, која изјави дека тригодишното искуство на Националната конвенција покажа дека не само што функционира новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, туку и го зголеми интересот меѓу повеќето чинители од општествениот живот во нашата држава, особено во делот на трудовите односи што беше тема на денешната дебата и што спаѓа токму во кластерот на економската сфера.
„Економијата беше посебна ударна точка на пандемијата и може да се мери со најголемите кризи во светот. Затоа, регулацијата на начинот на работата од дома бара мерки на долг рок“, заклучи Ѓуровска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев на маса во ресторан во Полошкиот Регион ги договорил точните проценти од пописот

Костадин Костадинов и СДСМ очигледно се нервозни, па штом ќе се најдат во офсајд или наидат на отпор во јавноста заради погрешните политики, веднаш го споменуваат Груевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по денешната прес-конференција на портпаролот на владејачката партија кој го обвини поранешниот премиер за вмешаност во, како што кажа, саботажата на пописот.
Од опозициската партија воедно го повикуваат Костадинов да одговори дали е вистина дека Зоран Заев точните проценти од пописот ги договорил на маса во ресторан во Полошкиот Регион и дали, како што велат, сè друго е фарса која ќе ги чини граѓаните 10 милиони евра.
„Јавноста јасно виде дека СДСМ прави политичко-пазарџиски договор наречен попис, за кој веќе јавно се лицитира со резултати, бројки и проценти. Ваквиот насилен попис кој е продукт на стандарди и пазари на Заев, создава конфликти во јавноста и за тоа одговорност има само СДСМ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, постојат и факти дека се работи за гола политика, а не статистика.
„Пописот се спроведува со врзан потпис на директорот и заменик-директор на ДСЗ, пописот се спроведува надвор од европските стандарди и предвидува попишување на нерезиденти, пописот ќе се прави без јасна методологија со обично диктирање матични броеви, без приложување документи, па уште се оди до таму податоците на отсутните да ги диктираат лица кои најдобро ги познаваат“, велат од опозициската партија.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот