Македонија
Во ковид-центрите во Скопје хоспитализирани 470 лица
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму посочуваат дека вупно 470 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
„Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 8 приеми, и тоа двајца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, еден болен е хоспитализран на Клиниката за дерматовенерологија, а двајца на Клиниката за гастроентерохепатологија. Во ковид-центарот во болницата ‘8 Септември’ имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника биле примени четворица во текот на вчерашниот ден“, се наведува во соопштението.
Исто така, во изминатите 24 часа дома се пуштени 13 оздравени пациенти.
„Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија – 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 56 пациенти со симтоми на коронавирусот. На Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести – 11 пациенти“, покажуваат податоците на ресорното Министерство.
Во болницата „8 Септември“ има вкупно 109 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 156 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 32 пациенти, од кои 11 деца и 21 возрасен.
„Вкупно 470 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив е на кислородна поддршка. Утрово, до 8 часот, имало 20-ина слободни места, а се очекува во текoт на денот по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ‘8 Септември’“, посочуваат од Министерството за здравство.
Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

