Македонија
Во Македонија 336 нови случаи на коронавирус, 10 лица починаа

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 336 нови случаи на коронавирус, 10 лица починаа, а 385 се оздравени, соопшти Министерството за здравство.
Направени се 1.964 тестирања. Најмногу нови случаи се потврдени во Скопје – 145, во Кавадарци се потврдени 27 случаи, Охрид – 25, Прилеп – 17, Тетово – 15, Куманово – 13, Велес – 13, Битола – 12, Делчево – 10, Струга – 10, Гостивар – 7, Гевгелија – 5, Берово – 5, Струмица – 4, Ресен – 4, Радовиш – 4, Кичево – 3, Свети Николе – 3, Неготино – 3, Крива Паланка – 2, Пробиштип – 2, Македонска Брод – 2, Крушево – 2, Демир Капија – 2, Кочани – 1.
Регистрирани се 385 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје – 213, Прилеп – 27 , Куманово – 23, Кавадарци – 23, Тетово – 17, Велес – 15, Штип – 12, Кочани – 9, Дебар – 7, Крива Паланка – 5, Радовиш – 5, Битола – 4, Кичево – 4, Гостивар – 3, Берово – 3, Демир Капија – 3, Свети Николе – 2, Гевгелија – 2, Пробиштип – 2, Кратово – 2, Охрид – 1 , Неготино – 1, Македонски Брод – 1, Крушево – 1.
Починати се 10 лица – пет пациенти од Скопје (53, 61, 81, 84 и 86), по еден од Кавадарци (72), Гостивар (61), Кочани (49), Охрид (83) и Прилеп (68). Сите пациенти се починати во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 449.995 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 91.891, бројката на оздравени пациенти е 80.393, на починати е 2.831, а бројот на активни случаи изнесува 8.667.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пратеникот Сулејмани си поднесе оставка: Не сакам да бидам дел од компромис со луѓе на црни листи

Пратеникот Салим Сулејмани денеска ја информираше јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.
„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието“, наведе Сулејмани.
Тој појасни дека неговото политичко делување било мотивирано од желбата за вистинска промена, а не од лична амбиција, додавајќи дека учеството во коалицијата Вреди било насочено кон, како што рече, разобличување на неуспесите и злоупотребите на власта од страна на ДУИ.
„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, изјави Сулејмани.
Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на Алијансата за Албанците до ДУИ во пресрет на локалните избори.
„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, порача Сулејмани.
Тој најави дека неговата политичка кауза не завршува со оваа одлука, туку дека ќе продолжи да се ангажира во други форми, со цел, како што рече, „да им служи на граѓаните уште поефикасно“.
„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, напиша Сулејмани.
Македонија
Два земјотреси утринава ги разбудија граѓаните на Охрид и на Струга, епицентарот во Пештани

Два земјотреси со епицентар во подрачјето Пештани–Охрид–Струга беа регистрирани рано утринава од страна на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според податоците од Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, првиот земјотрес се случил во 5 часот и 7 минути, со магнитуда од 3,4 степени според Рихтеровата скала, а вториот девет минути подоцна, во 5:16 часот, со магнитуда од 2,3 степени.
Епицентрите на двата земјотреси се наоѓаат на околу 100 километри југозападно од Скопје, во регионот меѓу Пештани, Охрид и Струга.
Земјотресот во 5:07 часот бил почувствуван од населението во Охрид, Струга и блиската околина, со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Засега нема пријави за материјални штети или повредени лица.
Македонија
МЕПСО: Прекинот на струја е поради европски проблем со висок напон, системот е стабилизиран

Во раните утрински часови денеска, делови од земјава се соочија со краткотраен прекин во напојувањето со електрична енергија, откако дојде до дефект на преносната мрежа од 110 киловолти.
Од АД МЕПСО информираат дека прекинот бил резултат на високите напони во регионалната 400 kV мрежа, што предизвикало испад на енергетските трансформатори во неколку трансформаторски станици.
„Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат повеќето преносни систем оператори. Причината е нискиот транзит и нискиот конзум на струја во текот на ноќта и за време на викендите, особено во овој период од годината“, соопштуваат од МЕПСО.
Според официјалните информации, екипите на МЕПСО веднаш реагирале на терен и за нешто повеќе од еден час успеале целосно да го нормализираат снабдувањето со струја низ целата држава.
„Напојувањето е стабилизирано, а нашите екипи продолжуваат со работа на одржување на стабилноста во енергетскиот систем“, велат од компанијата.
Од МЕПСО потенцираат дека преку реализација на нови инвестиции и интензивна соработка со соседните оператори, се вложуваат напори за да се зголеми сигурноста на мрежата, која во минатото, како што велат, била запоставена и неадекватно одржувана.
Компанијата уверува дека останува во постојана координација со регионалните партнери со цел да се обезбеди сигурно и непречено снабдување со електрична енергија.
Во петокот министрите Стефан Андоновски и Сања Божиновска најавија дека до крајот на мај се очекува Предлог-законот за сајбер безбедност да ја помине владината процедура, а на почетокот на јуни да влезе во собраниска расправа.
Министерот за дигитална трансформација, Андоновски, нагласи дека законот нема политичка димензија, туку има цел да го зајакне целокупното општество, особено во услови на зголемени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како системите за пренос и производство на струја. Тој додаде дека македонскиот електропреносен систем е безбеден, но дека безбедноста мора постојано да се унапредува.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, потсети дека МЕПСО лани беше мета на сериозен сајбер напад и подвлече дека заштитата на енергетската мрежа е прашање од национален интерес. Таа најави дека сè уште се размислува дали заштитата ќе ја спроведуваат државни институции или приватни компании, но дека приоритет ќе биде најдоброто решение за граѓаните.
Пред две недели министерката Сања Божиновска најави дека нема да има исклучувања на фотоволтаиците во летниот период, а денес повтори дека со 90 отсто сигурност нема да се случи „блек аут“ како оној што ги парализира Шпанија и Португалија минатата недела.
„Сите мерки се преземаат навремено, системот е под контрола. Исклучувања на фотоволтаици се правеа само кратко за Велигден, и тоа со претходна координација“, рече Божиновска по потпишувањето на договорот за гасовод со Грција.
Министерката уверува дека во лето, кога потрошувачката ќе порасне поради вклучување на клима-уредите, мрежата ќе остане стабилна.