Македонија
Во Прилеп откриена реплика на орденот што Тито му го додели на градот
Во холот на зградата на Општина Прилеп на свечен начин денеска беше откриена репликата во мермерна плоча на орденот „Народен херој“, што на 7 мај 1975 година претседателот на тогашната СФРЈ, маршалот Јосип Броз Тито, му го додели на Прилеп, а кој подоцна беше украден.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека чувствува огромно задоволство што 25 години по исчезнувањето на орденот „Народен херој“, ја има честа репликата на орденот да му ја предаде на директорот на НУ Завод и музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски, со цел од денес да ги краси просториите на Меморијалниот музеј „11 Октомври“.
„Тој атрибут што Прилеп со право го доби како град на пркосот и град на непокорот остана и понатаму. Сите треба да бидеме задоволни и горди од тоа што Прилеп го направи за време на антифашистичката револуција, но и затоа што и по ослободувањето Прилеп даде многу свои дејци во општественополитичкиот, културниот, економскиот и спортскиот живот. Прилеп и понатаму ќе биде присутен на сите полиња затоа што го знаеме патот и сето она што треба да го направиме за остварување на целта, а тоа е влез на нашата држава во ЕУ и НАТО. Нека ни е вечен 11 Октомври и нека ни е вечен орденот ‘Народен херој’“, изјави во своето обраќање градоначалникот Јованоски.
Првиот човек на НУ Завод и музеј, Благоја Атанасоски, истакна дека најголемата заслуга што репликата на орденот ќе се најде во просториите на Меморијалниот музеј „11 Октомври“ ја има градоначалникот Јованоски.
Од името на Општинскиот одбор на Сојузот на борците – Прилеп, претседателот Круме Соколски го поздрави чинот на откривање на репликата на орденот што Прилеп го доби во далечната 1975 година.
Историчарот Рубин Белчески говореше за причините поради кои Прилеп го заслужи високото признание што му го додели претседателот на поранешната држава, Јосип Броз Тито. Тој рече дека е задоволство, но истовремено и одговорност да се зборува за историјата на Прилеп.
Репликата во мермер на орденот „Народен херој“ ја открија градоначалникот Илија Јованоски и директорот на НУ Завод и музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски. Покрај претставници на општествениот и политичкиот живот на градот, на свечениот чин присуствуваа и поранешните градоначалници на Прилеп, Илија Димоски и Сашо Пирганоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

