Македонија
Во Скопје санкционирани 148 возачи, од кои 91 за брзо возење
Полицијата вчера продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територијата на град Скопје изречени се вкупно 148 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 91 санкција, седум за возење без возачка дозвола, четири мерки за недавање првенство на минување пешаци.
„Изречени се три санкции за користење мобилен телефон, осум за минување на затворен сигнал (црвено светло), четири за некористење сигурносен појас и 14 за непрописно паркирани возила. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови“, велат од МВР.
Апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Единаесет дена нема одговор како пет тони дрога поминале граница
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција обвини дека 11 дена нема одговор од институциите за тоа како пет тони дрога вредни околу 40 милиони евра ја поминале македонската граница и завршиле во Србија.
„Единаесет дена јавноста чека одговор. Единаесет дена власта молчи. Како 5 тони дрога, по некои проценки вредни околу 40 милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија? Кој ќе одговара?“, праша Кузеска.
Таа оцени дека молкот не е случаен и дека, според неа, станува збор за скандал кој „води кон врвот на власта“, обвинувајќи дека некој се обидува да го заташка случајот.
Според Кузеска, наместо одговори, јавноста гледа „дефокус“ и „медиумска магла“, додека премиерот Христијан Мицкоски, кој го нарече македонскиот Мадуро, во јавноста лицитира со количини од 25, 40, па и 100 тони.
Портпаролката на СДСМ постави прашања дали фирмите поврзани со случајот биле нелегални и зошто, доколку е така, не била направена навремена контрола, како и дали државата ги субвенционирала и дали постои ризик од евентуални отштети.
Македонија
Левица: Законот за вработување на најдобрите лекари влегува во сила
На денешната пленарна седница, со поддршка од сите парламентарни партии, се усвои предлог-законот на Левица за укинување на дискреционото право на директорите при вработување.
Од партијата велат дека Законот претставува чекор кон конечно развивање дијалог кога се работи за закони кои се од општо добро за сите граѓани.
„Со измените на Законот за здравствена заштита се укина дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кои кандидати ќе бидат вработени и наместо тоа со новата законска обврска ќе бидат избрани најдобрите кандидати“, наведува Левица.

Се додава дека подобро и прогресивно општество се гради само преку вреднување на трудот на најквалитетните умови, а со усвоениот закон на Левица се трасира патот во таа насока.
Македонија
Центар е домаќин на обука за наставници за детските права
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на обуката за наставници во центарското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“, која се реализира во рамки на проектот „Нашите права“, проект на Република Словенија, насочен кон унапредување на образованието за човекови права и правата на детето.
На обуката присуствуваа амбасадорот на Република Словенија во земјава Грегор Прескер, лидерот на проектот Бланка Јамнишек, претставници на Бирото за развој на образованието, и здружението Центарот за човекови права и разрешување конфликти од Скопје, како и наставници од повеќе скопски училишта.
„Ова е проект што заслужува особено внимание. Нашите ученици треба да ги знаат своите права за да се почитуваат себеси но и другите. Чест ми е што домаќин на работилницата е токму центарското училиште „Свети Кирил и Методиј“, најстарото во државата, но секогаш прво во прифаќање нови методи, обуки и трендови во образованието“, рече Герасимовски.
Проектот „Нашите права“ има цел преку обука на наставниците да го зајакне подучувањето и учењето за човекови права и правата на детето, да поттикне почитување и разбирање уште од најрана возраст и да придонесе кон мир и безбедност во заедницата. Станува збор за глобален проект што се реализира во 27 земји во Европа, Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и Австралија, а е наменет за деца на возраст од 10 до 12 години. Во проектот се вклучени и деца од малцински заедници, вклучително и ромски деца, додека наставната алатка „Нашите права“ се користи на 24 јазици и е дел од Светската програма за образование за човекови права.

