Македонија
Во Скопје се роди бебе во „водена обвивка“ – редок феномен што се случува еднаш во 80 илјади породувања

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, наделава се случи несекојдневно породување. Станува збор за медицинско чудо и редок феномен – раѓање во амнионска обвивка, што се случува еднаш во 80 илјади породувања, соопшти Министерството за здравство.
Бебето родено во „водена обвивка“ дојде на свет со помош на д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска, гинеколог, која заедно со својата колешка д-р Катерина Николоска, со царски рез ја породиле трудницата која носела близнаци.
„Како гинеколог-акушер со 18-годишно работно искуство на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, имав прилика заедно со мојата колешка д-р Николоска да породиме пациентка во термин со близначка бременост со царски рез, при што, по породувањето на првото бебе, почна породувањето на второто бебе со „водена обвивка“. Целата екипа во хируршката сала во еден момент беше изненадена од овој природен феномен, и покрај големиот број породувања кои ги правиме секојдневно. Навистина, тогаш сфаќаме колку е совршена природата и како ги создала совршено сите работи“, вели д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска.
Во текот на бременоста бебето е сместено во матката на мајката, во обвивка која се нарекува „амнионска обвивка“, исполнета со течност, која го штити од бактерии и вируси од надворешната средина во текот на неговиот развој. Обвивката ги поддржува постелката и папочната врвца да ги извршуваат своите функции – да донесат кислород и хранливи материи од мајката кон бебето. На овој начин се развива бебето и преживува заштитено во стомакот на мајката.
„Во текот на породувањето многу ретко се случува „околуплодовата обвивка“ да не прсне и бебето да се роди заедно со обвивката, како што било и внатре во матката, а многу ретко се случува при царски рез, бидејќи околуплодовите обвивки мора да прснат, за да се породи плодот, а речиси никогаш не се случува при спонтано вагинално раѓање“, појаснува д-р Ѓоргиевска-Николовска, потенцирајќи дека станува збор за исклучително редок феномен во природата, и се верува дека раѓањето во обвивките им носи среќа и на бебето и на целото семејство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.