Македонија
Во Скопје хоспитализирани 71 нов пациент со коронавирус за еден ден

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 71 нов пациент поради компликации од коронавирусот, вкупно се лекуваат 514 пациенти, а голем дел од нив е на кислородна поддршка. Во болниците во другите градови се лекуваат 679 пациенти, со што вкупниот број пациенти со коронавирус во земјата е 1.193.
Од Министерството за здравство соопштија дека поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, во Скопје е отворен и ковид-центарот на Клиниката за трауматологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ вчера се примени 26 нови пациенти, 15 пациенти биле примени на Инфективната клиника, а во Козле биле примени шест нови пациенти.
Во изминатите 24 часа од ковид-центрите во Скопје дома се пуштени 29 оздравени пациенти.
Од Министерството за здравство велат дека бројот на приеми во изминатите денови во Скопје е зголемен и утрово, до 8 часот, имало 40 слободни места, а во ковид-центрите во другите градови има околу 290 празни болнички кревети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД извесуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.00 часот, корисниците од улицата Хо Ши Мин лоцирани на потегот од напојната трафостаница Бутел 2 до објектот бр. 287 Б. (општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.