Македонија
Во следните пет години ќе се спречува труењето на дивите животни преку проектот „Балкан детокс LIFE“
Македонско еколошко друштво во соработка со седум организации од Европа почна да го спроведува проектот „Балкан детокс LIFE“, финансиран од ЕУ, со кој ќе се подигнува свеста во однос на труењето диви животни, ќе се зајакнуваат националните капацитети за борбата против труење на дивите животни, што претставува една од најголемите причини за смртност и пад на популациите на многубројни загрозени диви видови, особено мршојадците.
Нелегалното труење и користењето отрови е голема закана и за животната средина и за јавното здравје.
„Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец од нашата држава во последните неколку децении. Во моментот отровните мамки претставуваат најголема закана за преостанатите два вида мршојадци што живеат во нашата земја: египетскиот и белоглавиот мршојадец. Ние сме среќни и возбудени што ќе почнеме да го решаваме проблемот на институционално и на локално ниво и да бидеме вклучени во меѓународната мрежа на партнери. Очекуваме нашите напори да придонесат кон закрепнување на популациите на диви животински видови, кои се засегнати од оваа штетна пракса“, вели Ненад Петровски, раководител на проектот од Македонското еколошко друштво.
Преку проектот „Балкан детокс LIFE“ организациите ќе работат заедно со разни национални и меѓународни фактори, почнувајќи од владини органи до ловци и сточари, за да се минимизира заканата и да се постигнат резултати во седум балкански земји.
„Нелегалното труење на дивиот свет е еколошки криминал и како такво потребно е соодветно вклучување на властите при регистрација, истрага и казнување на овие активности. Овој проект ќе соработува заедно со владините органи за да го постигнеме токму тоа“, вели Јован Андевски, менаџер на програмите за заштита во Фондацијата за заштита на мршојадците од Шпанија.
Најчестиот начин на труење на дивите животни на Балканот е намерното поставување отровни мамки за убивање диви предатори или други диви и домашни животни, кои може да му нанесат штета на добитокот или на видовите дивеч. Покрај животните шот се таргетирани, страдаат и други ранливи видови бидејќи станува збор за неселективен начин на истребување животни.
Мршојадците што се исхрануваат исклучиво со мртви животни честопати стануваат жртви на труење со директно јадење на отровна мамка или со хранење на телата на затруени животни. Честите и континуирани инциденти со труење на Балканот резултираа со 465 случаи на затруени мршојадци во текот на изминатите 20 години. Студија спроведена од Фондацијата за заштита на мршојадците проценува дека најмалку 115 мршојадци годишно умираат од труење на Балканот бидејќи само 20 % од ваквите инциденти се откриени и документирани.
Мршојадците, исто така познати како екипата за чистење на природата, отстрануваат мрши од животни од дивината помагајќи да се одржат здрави екосистемите бидејќи тие дејствуваат како природни рециклирачи и обезбедуваат бесплатни услуги за екосистемите, дивиот свет и општеството како целина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.

