Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Март 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Април 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.04.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.04.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен жив во шема за земање провизија за вакцини во аферата „Стабри“, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка

Венко Филипче беше фатен жив во шема за земање провизии за вакцини за „Ковид“ во аферата Стабри, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка, побара Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче сакаше да набави кинески вакцини против „Ковид“ во ек на кризата преку фирма регистрирана за тргување со банани и јужно овошје. Оваа фирма со име „Стабри“, е формирана само 3 месеци откако СДС дошле на власт во 2017 година. Коинциденција или не?
Филипче како министер сакаше да ги купи вакцините преку „Стабри“, по цена од 62 долари, во услови кога другите држави ги купуваа по најмногу 30 долари. 200.000 вакцини кои Филипче сакаше да ги набави, ќе беа платени 6 милиони долари поскапо“.
Според него, за тоа каде требаше да завршат овие 6 милиони долари, Филипче и ден денес молчи.
Овој сериозен криминал во обид како што оценува, беше спречен единствено со огромниот медиумски притисок и притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста.
За Манасиевски, тоа што „овој криминал во обид беше спречен, не е олеснителна околност за Филипче како политичар, кој мора да одговори:
Каде требало да завршат 6 милиони долари од набавката на вакцините? Дали фирмата Стабри има врски со СДС и него лично, со оглед на тоа дека е формирана само 3 месеци, откако тие дошле на власт?“
Оваа афера, истакнува тој, покажува дека Венко Филипче нема кредибилитет. Додава дека ова е доказ за што се бори Филипче и зошто е во политиката.
Филипче, оценува тој, се надева на власт и на можност повторно да прави вакви шеми.
„Венко Филипче е без кредибилитет и прочитан од народот. Венко Филипче веднаш да си поднесе оставка“, бара Манасиевски.
Македонија
Спречен шверц на облека и обувки кај Танушевци

Повеќе од 100 пакети текстилна и друга стока се пронајдени вчера во возило на државната граница кај село Танушевци, скопско.
Како што информира МВР, на косовска страна била извршена контрола на возило комби „фолксваген“ со косовски национални ознаки и биле пронајдени повеќе од 100 пакети текстилна и друга стока, по што возачот бил уапсен.
Подоцна, по извршена контрола на напуштени објекти околу граничната линија, полициски службеници во село Танушевци околу 19.00 часот пронашле повеќе од 130 кутии со разновидни обувки, како и околу пет кубни метри исечено огревно дрво.
За настанот бил запознаен јавен обвинител, кутиите со обувки ќе бидат предадени на Агенција за одземен имот, а дрвата на Шумска полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Обуки за безбедна евакуација во училиштата во општина Ѓорче Петров

Во насока на унапредување на безбедноста во основните училишта, Општина Ѓорче Петров одржа координативен состанок со директорите на сите основни училишта од општината, како и со претставници од Министерството за внатрешни работи. На состанокот се разгледуваше и договори примена на Протоколот за безбедна евакуација од училишта и справување со паника во итни ситуации.
„Целта на протоколот е да се обезбеди систематска и ефикасна заштита на учениците и наставниот кадар при евентуални закани како пожар, земјотрес, чад или други вонредни ситуации. Преку јасни процедури и обуки, општината се стреми кон создавање сигурна и смирена средина за децата во текот на наставниот процес“, соопштија од Општината.
Протоколот предвидува два пати во годината обуки за учениците и наставницита, едукација за препознавање панични реакции и техники за нивно совладување, практични вежби за смирена и контролирана евакуација, јасни и видливи евакуациски рути и мапи во секое училиште, инсталација на посебен алармен систем-различен од редовното ѕвоно и активирање на протоколот при реална опасност или по налог од надлежни институции и лица.