Македонија
Во Штип ќе се поставува монтажна болница
Кај Клиничката болница во Штип ќе се поставува монтажна болница со капацитет од 56 кревети.
„Денеска вршиме увид на местото каде што ќе се поставува монтажна болница. Активностите во смисла на потребната инфраструктура се во тек. Почнуваме со подготовка на сите оние инфраструктурни инсталации, водовод, канализација, електручно напојување, така што очекуваме во догледно време да ги завршиме сите обврски што ги имаме како локална самоуправа за да може понатаму Министерство за здравство да го заврши преостанатиот дел“, истакна в.д. градоначалникот на Штип, Јане Миланов.
Претставниците од јавните претпријатија „Стипион“ и „Исар“ информираа дека во наредните три недели ќе ги завршат своите обврски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Започнува реконструкцијата на сaлaта “Расадник”
Започнува темелната реконструкција на сaлaта “Расадник”. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и Министерот за спорт Борко Ристовски денес го означија почетокот на реконструкцијата на овој капитален проект , кој во изминатите 30 години, беше оставен на милост и немилост на времето, претворајќи се од најголема спортска гордост во најголем срам. Со правната битка што ја водеше градоначалникот Ѓорѓиевски, тој успеа да ја врати салата во сопственост на општината, ослободена од наследените долгови. Следниот чекор како локална самоуправа беше да се нарача проект за нејзина целосна реконструкција, по што по добиената поддршка од Владата на Република Македонија и Министерство за спорт, кое ги обезбеди финансиските средства, денес беше означен почетокот на новиот живот за салата “Расадник”.
-На мое огромно задоволство денеска во нашата општина по втор пат неделава за еден од најзначајните проекти е присутен и Премиерот. Огромно е нашето задоволството од неговото присуство и од делата што ги прави во изминатиов релативно краток период откако е премиер, особено во Кисела Вода. Благодарност и до министерот за спорт за неговата заложба овој објект, каков што го гледате денеска, да го ставиме во историјата и овде повторно да никне храм на спортот за Кисела Вода, но и за цело Скопје. Како што може да ја видите состојбата, оваа сала е доказ за 30 години наназад како не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале, а ништо не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата на Република Македонија, на премиерот и на министерот за спорт, од денеска па натаму, овде се менува приказната и сликата и ова повторно ќе биде место каде што ќе се собира народот и каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња како што било случај во минатото. Посебно ми е драго што денеска е овде и г-динот Атанас Костовски, човек кој во минатото присуствувал на отворањето на оваа сала и се договоривме на почетокот на мојот мандат дека тоа заеднички повторно ќе го направиме овде. Се надевам дека за неколку месеци и ќе ја отвориме салата заедно овде и со премиерот и со министерот. Ова е дом на ракометниот клуб “Вардар”, место каде што ги има направено своите почетоци. И после долги години конечно и РК “Вардар” ќе си дојде на своето место. Уште еднаш огромна, огромна благодарност до Премиерот на Владата. Со овој проект којшто има сентиментална вредност за сите наши жители овде во Кисела Вода, Претседателот на Владата и министерот се запишуваат во историјата кај сите граѓани овде, во историјата на општина Кисела Вода и се надевам дека за многу скоро од денеска ќе присуствуваме сите на еден настан којшто ќе значи преполна сала и креирање на спортски спомени овде, во оваа сала-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
-Со особено задоволство го означуваме почетокот на проектот за комплетна реконструкција на салата „Расадник“, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но и беше дом за многу деца и многу генерации што се занимаваа со спорт. Она што го ветивме почнуваме да го реализираме. Од понеделник почнува комплетната реконструкција на салата, проектот за реконструкција чини 120 милиони денари. Се надеваме дека со една добра соработка со изведувачот и со поддршка од локалната самоуправа и константна комуникација со Министерството за спорт, реконструкцијата ќе биде завршна и во многу пократок рок. Средствата се обезбедени, останува само да се испочитува тој динамички план којшто ќе го договориме со економскиот оператор и повторно да го вратиме сјајот на оваа сала. Со реализацијата на овој проект „Расадник“ повторно ќе биде дом на многу спортови, сала која ќе произведува нови спортисти и во која ќе се промовираат вистински вредности, а не да биде ваква руина оставена на времето во која повеќе од 15 години не е ништо направено – рече министерот Борко Ристовски.
-Ова е еден посебен момент бидејќи нешто што со децении е оставено да пропаѓа, сега започнува да се реновира, да се реконструира и да добива еден современ, модерен лик. Салата „Расадник“ ќе биде дом на многу спортски клубови. Од градоначалникот на Кисела Вода слушнавме дека можно е ракометниот клуб Вардар да се пресели овде и ова да биде официјално нивниот дом. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека ќе продолжиме да инвестираме. Капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции за нас претставува главен приоритет – истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
На настанот со кој беше означено отпочнувањето на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“, денеска присуствуваа бројни граѓани, спортисти како и долгогодишниот претседател на РК Вардар, Михајло Михајловски, и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски, кој во 80-тите години ја отворал салата “Расадник”.
Македонија
Мицкоски: Утврдени се условите за унгарскиот кредит, очекувам 800 милиони евра инвестициски циклус
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои се условите што треба да ги исполнуваат компаниите за банкарски кредити за стопанството обезбедени од страна на Владата и како ќе се врши исплатата, изјави:
„Ја поминавме на владина седница одлука, во вторникот. Со тоа практично го овластивме Министерството за финансии да ги префрли средствата на сметка на Македонската банка за поддршка на развојот, а таа потоа да комуницира со комерцијалните банки. Таа комуникација очекувам веќе да се случи во текот на следната недела и официјално да започне овој проект. Секоја компанија ќе може да аплицира до 10 милиони евра, тоа е еден од условите. Вториот услов е да има 20 проценти сопствено учество, најмалку, минимум. Опфатени се сите оние проекти коишто ќе значат набавка, монтажа на основни средства за работа, софтвер и така натаму, производни капацитети од обновлива енергија коишто ќе произведуваат енергија од обновливи извори на енергија.“
„Понатаму, исто така се опфатени сите оние компании коишто сакааат да инвестираат во административен простор, во магацински простор и така натаму, бидејќи еден производен погон вие мора градежно да го затворите, мора тоа да го изградите. Така што очекувам најмалку 300 милиони евра инвестициски циклус. И заедно со оние 500 милиони евра коишто ги реалоцираме кон општините, ќе дојдеме до вкупна бројка од 800 милиони евра или тоа е 5 проценти од Бруто-домашниот производ, ако го проектираме на 16 милијарди евра“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.
Македонија
Трипуновски во Црна Гора потпиша Протокол за соработка со министерот Јоковиќ
Денеска во Црна Гора министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со Владимир Јоковиќ, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство потпишаа Протокол за научна, техничка и економска соработка во областа на земјоделство помеѓу министерствата.
Согласно потпишаниот Протокол двете земји во областа на земјоделството (градинарството, сточарството, овоштарство, лозарство и заштита на растенија), руралниот развој, ветеринарство, безбедноста на храна, прехрамбената индустрија, водостопанството и шумарството ќе овозможат:
– Размена на научни и технички информации и документација;
– Размена на резултати од истражувањата публикувани и верификувани од страна на овластените институции, како и воспоставување дирекни заеднички активности на споменатите институции;
– Размена на генетски и биолошки материјал од областа на растителното производство и сточарство;
– Размена на искуства во земјоделската политика, надворешно – трговската размена, специфични мерки на поттикнување и заштита на производството, земјоделството и извозот на земјоделски производи;
– Поддршка и заеднички ангажман во креирањето, пронаоѓањето на средства за финансирање и реализација на регионални проекти;
– Развој на организации на производители и здруженија на земјоделците;
– Развој на советодавните служби и итн.
За период од еден месец по потпишувањето на Протоколот, ќе се формира заедничка Работна група, со задача континуирано да ја следи и поттикнува реализацијата на соработката.
На првата седница членовите од Работната група ќе одлучат за планот на активности во врска со договорените области на соработка.
Работната група ќе одржува редовни седници најмалку два пати годишно наизменично во двете земји.
Соработката помеѓу двете земји во областа на земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се продлабочува во наредниот период.