Македонија
Вработена на студентски прашања на Економскиот факултет измамила студенти за 120.000 денари

Единицата за економски и компјутерски криминал при скопската полиција поднесе кривична пријава против 45-годишна скопјанка, вработена во службата за студентски прашања на Економскиот факултет при државниот универзитет во Скопје.
Таа се товари дека како референт во службата ги злоупотребила овластувањата и фалсификувала исправа.
Пријавената, во текот на минатата година, од шест студенти запишани на постдипломски студии на Економскиот факултет неовластено побарала и примила пари на рака, на име уплата за промена од стара во нова студиска програма, како и за продолжување на временскиот рок за изработка на магистерски труд. На овој начин таа се стекнала со противправна имотна корист во вкупен износ од 120.000 денари.
Таа на студентите им ветила дека во нивно име ќе ги уплати паричните средства на трансакциската сметка на Економскиот факултет, искористувајќи го фактот дека временскиот рок за уплата истекувал.
Притоа изготвила шест уплатници со невистинита содржина, во кои лажно прикажала дека паричните средства примени поединечно од секој студент се уплатени на сметката на факултетот и така изготвените лажни уплатници им ги презентирала на студентите како доказ за наводно извршена уплата, по што ги приложила во нивните студентски досиеа.
Полициски службеници извршиле проверки на Економскиот факултет, од каде што е обезбедена целокупната документација за случајот, по што биле извршени разговори со оштетените и пријавената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИНТЕГРА: Случајот со претепаниот Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат

„Случајот со претепаниот Христијан Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат како што се доближуваат 4 февруари и прославата за нашиот апостол на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги алармира безбедносните служби да преземат законски мерки во сите правци, особено во делот на инфилтрација на моќна странска служба, која работи на спречување на евро-атлантската траекторија на Македонија преку држење во состојба на порозност на јужното крило на НАТО и попречување на ЕУ-членството на Македонија“, се вели во партиското соопштение на ИНТЕГРА.
Од таму велат „за едно од можните радикални сценарија постои сериозно сомневање дека е во корелација со скорешните закани од поставени бомби во училиштата. Сомневањата водат до препоставена процена за висока безбедносна закана во таа насока, особено на релација албански екстремизам – македонски радикален национализам, обата поттикнати од истиот центар на политичка моќ“.
„На ова сценарио подолго време предупредува Љупчо Ристовски, а времето и условите се идеални за сурова радикализација на тоа. Следете ги мотивот и бенефитот од исходот при една таква разврска и ќе дојдете до целите и извршителите на такво радикализирано сценарио. Патем, да си прашаме јавно, дали ВМРО-ДПМНЕ се огради од сценаријата на радикализирање на внатрешните односи со последици врз ЕУ-перспективите на Македонија, преку случајот на деликвентот Пендиков, кој патем е нивен истакнат член?“, се вели во соопштението.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС

„Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС. Одговорни за тоа се затворските управи и служби поставени од СДС, во чија хиерархија доминираат луѓе од таканареченото обезбедување на партиските собири на СДС. Во само еден месец најмалку три бегства се случија на територијата на Скопје. Се посочува на врски меѓу избеганите и СДС, а молкот и немањето санкции упатува на сомнеж за намерни системски пропусти“, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРП-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „Македонија е во еден многу тежок период, во кој СДС ја втурна, и период во кој и од најмал инцидент единствен бенефит ќе има токму СДС на сметка на длабоките сериозни последици за државата. Оттука, од јавен интерес е СДС и Владата да одговорат дали станува збор за смислено сценарио во кое побегнатите се пуштени да предизвикаат инциденти во државата?“
„Дали бегствата на човек, член на СДС, со фотоалбум со половина Влада, претседател на држава и цело раководство на СДС, како и на поранешен полицаец – насилник и наркодилер, двајцата од затворот во Шуто Оризари, што мина без никаква јавна одговорност или санкција, не се намерни пропусти за теснопартиски интереси на СДС, дали не се побегнати за можеби да предизвикаат, инсценираат или организираат инцидент на 4 февруари? Дали бегството без последици за затворската служба и администрација, без одговорност, со можност за организирање инцидент, значи награда и за избеганите и за затворските службеници?“, праша Стоилковски.
Македонија
Реакција од затворот „Скопје“: Филип Андов раководи со институција затвор, а не со логор

„Казнено-поправната установа „Скопје“ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегства на затвореници“ соопштуваат од затвор „Скопје“.
„Најпрво укажуваме дека директорот Филип Андов, раководи со институција – затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права кои им следуваат на затворениците мора и им се овозможени, согласно законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот (Собранието) односно Министерството за правда. Оттука, директорот и Управата единствено можат да ги почитуваат и постапуваат по тие одредби и правила. Затворот „Скопје“ е институција од која треба и извира ресоцијализација на затворениците. Тоа подразбира, почитување на нивните права кои им следуваат, а за сметка на тоа – тие да го подобрат/променат нивното однесување. Од друга страна, затворот е од полу-отворен односно отворен тип. Тоа значи – ниту еден затвореник не е ставен во четири ѕида, туку може слободно да се движи и да обавува работни обврски. Сите осуденици кои судот ги упатил на издржување затворска казна во затворот „Скопје“ не се како што велат одредени политички партии „тешки криминалци“ туку затвореници кои се осудени до три години затвор“ се вели во соопштението од затворот.
Оттаму велат дека „во конкретниот случај со затвореникот А.А. кој се оддалечил од затворот, важно е да потенцираме дека тој не прескокнувал ѕидови, кршел врати или дека некој го пуштил да излезе. Станува збор за осуденик кој претходно користел слободни викенди и се враќал, лице кое имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој обавувал работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето – по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага“.
„Од страна на затворот е постапено согласно законските рамки. Откако не се појавил во затворот, известена е полицијата која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот, бидејќи Правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат ускратени привилегии/права. КПУ Затвор Скопје е установа од полуотворен вид каде затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат бројни погодности како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи како што се Агенција за вработување, Центар за социјални работи“ се вели во соопштението.
Од затвор „Скопје“ „ги замолуваме во иднина политичките партии да се воздржат од вакви квалификации од причина што се создава искривена перцепција во јавноста, а сето тоа е на штета на самите осудени лица, на установата, како и целиот систем“.