Македонија
„Вреди“ предлага уставен амандман наместо меѓународен ветинг: „ДУИ сака да фрли прашина во очите на јавноста“

Уставен амандман, а не меѓународен ветинг, предлага коалицијата „Вреди“ и ги повика пратениците од ДУИ ако навистина сака да се сите случаи на политичка корупција да се изјасни дали нивните пратеници ќе се потпишат на иницијативата.
Портпаролот на Коалицијата, Фари Хисени, смета дека опозициската ДУИ сака да фрла прашина во очите на јавноста со предлози за меѓународен ветинг на сите политичари во изминатите 30 години.
Рече дека целта на „Вреди“ е да се изгради Уставен механизам кој ќе ги адресира сите избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, кои со незаконски обавување на службена положба стекнале противправна имотна корист.
„Предлогот е следен: Законите можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања со кои е причинета штета на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист. Образложение: Со овој Амaндман се дополнува членот 52 од Уставот на Република Македонија. Овој амaндман ќе биде ст.5, ќе следи по ст.4 кој предвидува дека: ‘законите и другите прописи не можат да имат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните’“, рече Хисени.
Предложениот амандман, велат од коалицијата, ќе биде основ и ќе отвори можност со измени и дополнување со нов член 112-а во Кривичниот законик да се предвиди одредба со која евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела против службената должност, никогаш да не застаруваат. Ова подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот впишан на трети лица.
„Со овој амандман ќе се даде Уставен основ за ревизија на сите правосудни постапки за поранешни или сегашни избрани и именувани лица, кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност. Со овој амaндман, впрочем ќе се излезе во пресрет на барањата на граѓаните за обезбедување на владеење на правото, правна сигурност и еднаквост пред законите и правосудните постапки за сите избрани и именувани лица кои на предлог на политичките партии кои извршувале или извршуваат функции во законодавната, извршната и локалната власт, а кои го злоупотребуваат своето влијание и вршат притисоци да ги пролонгираат постапките против нив додека истите не застарат“, рече портпаролот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осумнаесет години без Тоше – ја обедини Македонија со својот глас и своето големо срце

На денешен ден, 16 октомври во 2007 година, Тоше Проески го загуби животот на 26-годишна возраст, во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Целиот Балкан плачеше и се прости од овој уметник, а денеска се навршуваат 18 години од неговата смрт која го потресе целиот регион.
Автомобилот во кој се наоѓаше македонскиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.
Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за Ден на жалост.
Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.
Во негова чест, денеска од 12 до 15 часот на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настан под слоганот „Тоше те сакаме“.
Овој настан претставува искрена почит и сеќавање на човекот кој остави траен белег во македонската музика и култура. Целта е да се испрати порака дека Тоше сè уште живее во нашите срца, а неговата музика и хуманост остануваат безвременски симбол на добрината, љубовта и единството.
Публиката ќе ужива во настапите на децата од градинките, училишните хорови од основните училишта, како и на македонските музички ѕвезди: Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Наде Талевска, Марија Спасовска, Драган Темелков, Лили Акустик, Ивона Јо, Тамара Волческа, Владимир Поповски и Васил Ангелов, кои ќе ги изведат безвременските хитови на Тоше Проески. Покрај музиката, ќе има изложба на дела од основците, активност за пишување на хумани пораки на картони со Бомбакис, цртање на мега-слика со РВР бренд.
Со песна, љубов и сеќавање, сите заедно ќе му оддадеме чест на човекот кој ја обедини Македонија со својот глас, својот дух и своето големо срце.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Питу Гули од бр. 4 до бр. 20. (општина Центар)
– во периодот од 08.00 до 14.00 часот, корисниците од село Стајковци. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од ул. Рокомија. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улиците Ибе Паликуќа и Воин Драшковиќ. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со повремен дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степен.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат денеска кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок, кога се очекува локално да наврнат и над 20 l/m². Во петок ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, особено долж Повардарието.