Македонија
Време е за одмор – патна аптека за летување

Патната аптека за летување за повеќето вообичаено не е прва од сите важни подготовки потребни за летување, но дефинитивно е една од неопходните за мирен одмор. Особено ако патувате со деца. Потребно е да бидете подготвени и со вас да имате од сè по нешто со цел денот од одморот да не го поминете во потрага по локална аптека, каде може и нема да успеете да се разберете со фармацевтот. Летото е пред нас и треба да се подготвиме за плажа, сонце и многу забава.
Но, што да се спакува во патната аптека треба да одлучиме пред да тргнеме во аптеки.
Првиот и многу важен чекор при посетата на аптеката е да се одберат производи на производител кому му верувате, кој го познавате и чиј квалитет на производи е докажан и постојан. Галеника, производител чии производи ги користиме веќе 77 години е фармацевтска компанија која е посветена на луѓето и верна на здравјето.
Фармацевтот во аптеката, пак, може да ви помогне со секоја дилема што ја имате за начинот на користење на производот.
Составот на патната аптека треба да се прилагоди и на стилот на одморање – мирна недела покрај море или одмор исполнет со адреналин на планина. Но ова се основите производи што треба да ги имате со вас.
МАЧНИНА
Не секој добро го поднесува патувањетo. Во вашата аптека имајте и лек кој ќе ја превенира мачнината, повраќањето или вртоглавицата. Нашиот избор е dimenhidrinat. Може да се користи и за деца со претходна консултација со лекар.
НАСТИНКА
Кога симптомите се на почеток доволно е некој домашен лек, на пример карамелизирано млеко да го смири грлото. Но, добар избор е подигнување на имунитетот за организмот подобро да се справува со настинките. Може да користиме Oligovit за подигнување на имунитетот и комбинација на ibuprofen со pseudoefedrin за справување на симптомите на настинка.
ЛЕК ЗА БОЛКИ И ТЕМПЕРАТУРА
Вообичаено дома секој има парацетамол, истиот претставува прв избор кој помага и за намалување на болките и за регулирање на телесната температура.
ПАТУВАЧКА ДИЈАРЕА
При патување, поради промената на средината често знае да дојде до појава на дијареа. Користењето пробиотик пред и за време на патувањето е секогаш вистинско решение за регулирање на цревната флора и заштита од појава на дијареа како и третман на истата. Од богата понуда на пробиотици во аптеките, одбравме пробиотик од семејството на Flonivin.
НЕГА НА КОЖАТА ПО СОНЧАЊЕ
По млеко за сончање со висок заштитен фактор, кожата треба да се потхрани и подготви за следното излегување на сонце. Pantenol и Pantenol Pena се одличен избор за смирување на кожата по сончање и нејзина хидратација. Одлично надополнување за нега на кожата, особено за изгореници од сонце, каснување или разни иритации на кожата е Jekoderm.
АЛЕРГИИ И УБОД НА ИНСЕКТИ
При појава на осип предизвикан од алергиска реакција или убод од инсект еден од лековите од избор е desloratadine. Во форма на таблети и сируп прилагодени форми за возрасните и децата.
АНТИБИОТИК
Вообичаено и лекарите не препорачуваат со себе да носите антибиотик. Ако постои потреба, најдобро е да посетите лекар, кој ќе ви објасни дали е потребен антибиотик или само симптоматска терапија.
Убав и безбеден одмор!
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.