Македонија
Втора пресуда за „Монструм“

Кривичниот суд денеска треба да донесе втора пресуда за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро што се случи на 12 април 2012 година.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам и за нив Обвинителството побара доживотен затвор. Од нив, првите двајца се во бегство во Косово.
Хаки и Фејзи Азири се гонат за помагање во тероризмот, а за нив Обвинителството бара затворски казни од 9 до 10 години за едниот и 15 години затвор за другиот.
Петтиот обвинет, Сами Љута, се очекува да добие ослободителна пресуда поради немање докази за вмешаност во настанот.
Во петкратното убиство што се случи во пресрет на Велигден беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.
Ова ќе биде втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Врховниот суд во 2017 година ги усвои жалбите на обвинетите и го врати случајот на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба.
Предметот се врати на почеток, а го презеде тогашното специјално јавно обвинителство (СЈО) поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови кажа дека генерално „бомбите“ не откриле некоја нова вистина за случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.
Македонија
УЈП спроведе 243 контроли за фискализација минатата недела: кај 37,4% од контролираните субјекти утврдени неправилности

Во периодот од 11.08.2025 – 17.08.2025 година, Управата за јавни приходи спроведе вкупно 243 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарници и други трговски објекти за продажба на мало.
Како што известува УЈП, контролите биле реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од вкупно 243 контролирани субјекти, кај 37,4% односно 91 од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. За утврдените неправилности донесени се 91 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.
За седум субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:
· Во Скопје извршени се 31 контроли, а утврдени се 13 неправилности;
· Во Битола, Охрид, Струга, Демир Хисар и Ресен извршени се 67 контроли, а утврдени се 12 неправилности, од кои: 1 во Битола, 1 во Охрид, 6 во Струга, 1 во Демир Хисар, 3 во Ресен;
· Во Прилеп, Кавадарци, Велес и Кривогаштани извршени се 42 контроли, a утврдени се 12 неправилности, од кои 2 во Прилеп, 1 во Кавадарци, 7 во Велес и 2 во Кривогаштани;
· Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 44 контроли, а утврдени се 29 неправилности, од кои: 17 во Тетово, 9 во Гостивар и 3 во Дебар;
· Во Куманово и Крива Паланка извршени се 16 контроли, а утврдени се 2 неправилности, од кои во Куманово не се утврдени неправилности, а 2 неправилности се утврдени во Крива Паланка;
· Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Василево, Пехчево и Берово извршени се 43 контроли, а утврдени се 23 неправилности, од кои: 12 во Струмица, 3 во Дојран, 4 во Гевгелија, Богданци без неправилности, 1 во Василево, 1 во Пехчево и 2 во Берово. Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување, се наведува во соопштението на УЈП.