Македонија
Вчера, 644 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода пет лица поради безобѕирно управување со возило
Во текот на вчерашниот ден во рамки на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, вкупно беа издадени 644 платни од кои што во најголем дел се сообраќајните прекршоци што се однесуваат на непрописно паркирање 183, како и на управување на возило со брзина поголема од пропишаната 158 прекршоци, известува МВР.
„Покрај ова во текот на вчерашниот ден, согласно одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, беа изречени и 82 прекршоци за возачи што управувале возила без возачка дозвола, потоа евидентирани биле 33 прекршочни санкции за користење на мобилен телефон и 37 прекршоци заради неносење сигурносен појас, додека пак за неносење заштитен шлем биле санкционирани 27 возачи на мотоцикл.
Исто така, санкционирани се двајца возачи на електрични тротинети, петмина возачи што минале на црвено светло како и 10 возачи што управувале возило со недозволено количество алкохол во крвта. Воедно од страна на полициските службеници вчера беа лишени од слобода и петмина возачи на кои што ќе им бидат поднесени кривични пријави по основ на член 297-а од КЗ на РСМ („безобзирно управување моторно возило“) затоа што кај нив се детектирани вредности на алкохол во крвта над 1,5 промили. Инаку, согласно Законот за возачи вчера од сообраќај беа отстранети 16 возила заради непоседување важечка сообраќајна дозвола, како и четири возила заради техничка неисправност.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски објави судска пресуда: „СДСМ и формално е утврдена како клеветничка партија“
Премиерот, Христијан Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини и клевети против него.
„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија. Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, вели Мицкоски.
Според него, оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета.
„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади“, вели Мицкоски.
Тој вели дека оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници.
„Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене. СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, напиша Мицкоски.
Македонија
Бензините поевтинуваат
Од ноќеска на полноќ цените на бензините ќе се намалат за два денари, а цената на дизелот ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 19.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 19.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, се наведува во соопштението на РКЕ.
Македонија
СДС намерно шири паника, Резолуцијата не ја гуши слободата на говор, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Наводите на СДС дека усвоената Резолуција е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи. Оттука, тврдењата дека со Резолуцијата се „гуши слободата на говорот“ се правно неосновани. Слободата на изразување, гарантирана со Уставот, може да биде ограничена само со закон, под строго утврдени услови. Во конкретниот случај, не постои ниту законска интервенција, ниту правен механизам што би ја ограничил политичката активност или јавното изразување на СДС или на кој било друг политички субјект“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека Резолуцијата не забранува дебата, не забранува изнесување ставови и не воведува цензура.
„Таа осуда на дезинформации не претставува уставно-правна санкција, туку политичка оценка, што е целосно легитимно право на Собранието“, велат од партијата.
Дополнително, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, уставната слобода на изразување не подразбира апсолутна слобода за ширење невистини, манипулации и намерно создавање паника кај граѓаните, особено по прашања што директно ја засегаат јавната безбедност и општествената стабилност, политичката критика е дозволена и заштитена; дезинформациската кампања не е уставна вредност.
„Апсурдно е СДС да зборува за „уривање на правниот поредок“, кога токму тие во минатото носеа одлуки и склучуваа аранжмани поврзани со мигрантски центри без транспарентност, без јавна расправа и без јасна политичка одговорност. Денес, кога преку Резолуцијата јасно се потврдува дека нема и нема да има мигрантски кампови, СДС се обидува преку Уставниот суд да ја продолжи сопствената лажна кампања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, најавите за обраќање до меѓународни институции и „прогресивни сили“ не можат да ја сменат правната реалност: Резолуцијата е уставно дозволен политички акт; Резолуцијата не задира во човекови права и Резолуцијата не создава правни последици по слободата на говорот.
„СДС повторно избира паника наместо аргументи, политичка конструкција наместо уставно право. Вистината е едноставна и правно чиста: Резолуцијата е уставна, а лагите за мигрантски кампови се политичка манипулација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

