Македонија
В среда протест за поддршка на жртвите на „Јавна соба“
Платформата за родова еднаквост повикува на протестен марш в среда за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавно обвинителство.
„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Неколку приведени членови и санирање на штети нема да нè замолчат“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи.
Маршот ќе почне во 14:30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство.
„На двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на ‘Јавна соба’, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и да побараат правда. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно“, велат од Платформата за родова еднаквост и нагласуваат дека не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи, како што велат, држава која не постапува е држава која силува.
Најавуваат дека на маршот ќе бидат почитувани сите протоколи за безбедност, односно ќе се носат маски и ќе се држи дистанца, а ќе бидат ангажирани соодветен број редари кои ќе бидат задолжени мерките за заштита од коронавирус да се почитуваат од почеток до крај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

