Македонија
Гаши – Бегај: Нашите две земји секогаш имале заеднички цели кон кои одиме заедно
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во Скопје, во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
На средбата, соговорниците посебно се осврнаа на соработката меѓу двете земји, при што се согласија дека Северна Македонија и Албанија негуваат одлични меѓусоседски односи и искрено пријателство, иако, како што забележаа, секогаш има простор за уште поинтензивна комуникација на билатерален, но и на регионален план, како и во процесот на интеграција во Европската Унија.

Нашите две земји секогаш имале заеднички цели кон кои одиме заедно, рече претседателот на Собранието на РСМ, посочувајќи дека Северна Македонија пред повеќе години се соочи со пречка на патот кон НАТО, каде што, сепак, сега е полноправна членка. Во тој контекст, претседателот Гаши изрази надеж дека овој пат Северна Македонија и Албанија ќе продолжат заедно да напредуваат на патот кон ЕУ и дека во ист ден ќе станат полноправни членки.
Претседателот на Албанија истакна дека реформите што ги преземаат двете земји во однос на евроинтеграцијата не се само за остварување на критериумите на ЕУ, туку пред се за развој на земјите и за постигнување бенефити за граѓаните.
Како носители на јавни функции, рече Бегај, треба да бидеме фокусирани на сегашноста и на создавање подобра иднина, со цел на новите генерации да им оставиме развиен и просперитетен регион.

Соговорниците се осврнаа и на претстојната 11. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 18 до 20 јуни во Собранието на РСМ, по што Албанија треба да го преземе од Северна Македонија едногодишното претседавање со овој процес.
Тоа е уште еден знак за нашата посветеност за продлабочување на регионалната соработка, рече Гаши, изразувајќи задоволство што на крајот на оваа пленарна сесија ќе го предаде претседавањето со ПС на ПСЈИЕ на Делегацијата на Парламентот на Албанија.
Во насока на понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Албанија, како и меѓу сите земји од регионот, претседателот Гаши истакна дека приоритет треба да бидат и инфраструктурните проекти. На тој начин, како што рече Гаши, ќе се обезбеди подобро поврзување меѓу државите и граѓаните, како предуслов и за економско унапредување на регионот во целина. Мора да продолжи изградбата на патиштата, енергетското и железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8, со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал, рече претседателот Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

