Македонија
Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме народен правобранител и претседател на ДКСК
Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.
„Што се однесува до народниот правобранител, имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за оваа позиција. Денеска, требаше да заседава Комисијата за избори и именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност за тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за народен правобранител. Што се однесува до ДКСК, законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или, пак, народен правобранител“, вели Гаши.
Земјава остана без народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го почитува Законот за народниот правобранител, кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.
Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

