Македонија
Гаши тврди дека неговото обезбедување дошло на аеродромот за да ја смири ситуацијата и не учествувало во инцидент
Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, демантира какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром.
Од тука велат дека членовите на обезбедувањето биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од, како што се наведува, недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување.
„Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности“, велт од Кабинетот.
Претходно вечерва, од МВР за инцидентот информираа дека кога oд Османи било побарано да го остави телефонот и да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер.
„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнало да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. Притоа турнало и полициски службеник вработен на граничниот премин“, велат од МВР.
ТАВ Македонија за инцидентот нагласи дека се работи за стандардна безбедносна проверка, а авијациската безбедност не била загрозена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

