Македонија
Герасимовски: Секое дете треба да има можност да си го исполни својот сон
Општина Центар ја прославува Детската недела, која почнува денеска. Во Паркот на франкофонијата, со музички изведби, детски претстави, спортски активности, ќе се претстават децата од градинките и учениците од сите основни училишта во општината.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, пред децата ја истакна нивната важност како најдрагоцено богатство и иднина на секое општество.
„Секое дете и секој млад човек е важен фактор во општеството. Затоа е важно на секое дете да му се даде можноста да го оствари својот сон, но и аспирациите, да ги каже своите размислувања и дејствувања со цел да земе активна улога во општеството. Ние возрасните како ваши воспитувачи, наставници, родители имаме обврска да ве поттикнуваме и да ве насочуваме кон негување на вашите интереси и нивна реализација“, изјави Герасимовски во Паркот на франкофонијата.
Герасимовски исто така зборуваше за правата на децата според член 27 од Конвенцијата на Обединетите нации, како правата на образование, здравствена грижа, слобода на изразување на своите ставови, чувства и желби, правото на државјанство, право на игра и љубов и обврските на локалните самоуправи тоа да го обезбедат. Тој исто така зборуваше и за рано детектирање и спречување на сите форми на насилство, меѓу кои и булингот.
„Вие исто така мора да бидете заштитени од сите форми на насилно вклучувајќи го и булингот, кој е застапен од најрана возраст. Вашите воспитувачи, наставници и стручни лица во градинките и училиштата се ваши пријатели, доколку имате проблем, разговарајте со нив. Проблемите мора се споделуваат за да може да се решат. Воспитувачи, наставници, внимавајте на однесувањето на децата и учениците и бидете првиот детектор дека нешто се случува. Во училиштата и градинките мора да биде спречена секаква форма на насилство и на тоа постојано мора да се работи“, изјави Герасимовски.
За крај, им порача на децата да уживаат во детството, да си играат и да се дружат, да спортуваат и да внимаваат на животната средина.
„Слушајте ги вашите родители, баби и дедовци, бидете добри ученици. Ние секогаш ќе се радуваме на вашите успеси“, им порача Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

