Македонија
Герасимовски: Центар станува прва енергетска општина во државата со инвестиција во обновливи извори од над 1,7 милиони евра

Прогресивни лидери од Западен Балкан и од Европа на Третиот форум за социо-еколошка трансформација кој се одржува во Скопје денеска разговараат за можностите, но и предизвиците кои се последица на преминувањето од конвенционален енергетски систем кон систем на чиста енергија.
На првиот панел „Енергетска демократија во нашите градови и заедници“ од Форумот кој е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт учествуваа Размена Цекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерството за економија на Република Северна Македонија, градоначалници на општини во Република Севрена Македонија, Хрватска, Словенија и претсавници од граѓански организации.
Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар рече дека е горд што Општина Центар го носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии и што на негова иницијатива ја основа „Енергија Центар“, претпријатие кое ќе носи голем бенефит за многу генерации по нас, а со тоа ќе ја промовира Општина центар како прва енергетски независна општина во државата.
„Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните“, рече Герасимовски.
Тој посочи дека Општина Центар преку „Енергија Центар“ може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за околу 4,5 години.
Заменик градоначалничката на Јастребарско Р. Хрватска зборуваше за позитивните примери во нејзината општина со кои се штеди електрична енергија а со тоа се намалуваат јаглеродните емисии. Таа истакна дека во Јастребарско е инсталиран нов смарт систем за улицно осветлување кој е од обновливи извори на ергија, со кој се прават и заштеди и се намалува загадувањето на животната средина.
Размена Цекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерството за економија рече Република Северна Македонија е договорна страна со Европската енергетска заедница и во овој период го усвои Патоказот за праведна енергетска транзиција и донесе одлука за формирање на Совет за праведна енергетска транзиција.
„Имаме донесена Национална Стратегија и Нациоанлен Акциски план. Ние како држава мораме да ги следиме европските насоки и стратешките документи да ги услогласуваме согласно европското законодавство“, рече Цекиќ.
На овој панел учествуваа и Нора Софи Гриефан, директорка на NGO Cradle to Cradle како и Александер Кавчник Претседател од Синдикатот на рударите во Словенија.
Во воведните обраќања на Форумот беше посочено дека енергетската транзиција треба да обезбеди заштита на животната средина, но и социјална правда.
Директорот на Прогрес – Институтот за социјална демократија Сашо Додовски, рече дека во изминатите две години со организирање на двата социо-еколошки форуми е направен сериозен исчекор затоа што на едно место се собираат стручни луѓе што дава максимален придонес кон придонесување за социо-еколошка трансформација.
„Северна Македонија е лидер во овие процеси и се направија успешни чекори на енергетска трансформација што ќе придонесе за зачувување на животната средина“, рече Додовски.
Јонас Андерсон од Меѓународен центар „Олоф Палме“ потенцираше дека социо-еколошката транзиција претставува предизвик со кој сите ние се соочуваме и истакна дека никој од нас не може да направи сѐ, но сите ние може да имаме удел, бидејќи климатската транзиција е најважниот предизвик на нашата и на следните генерации.
Директорот на ФЕС Дијалог Југоисточна Европа Рене Шлее изрази задоволство многу градоначалници од различни општини од регионот се предводници на социо-еколошката трансформација и се дел од денешниот форум кадешто ќе се дискутира како на национално ниво да им се даде можност на донесувачите на локално ниво. Шлее упати благодарност до центарот Олоф Палме, институтот Прогрес и тимот на ФЕС од Скопје за одличната организација и листата на панелисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пуцко Петрол: Никогаш не сме доставувале мазут до ЕСМ

Компанијата „Пуцко Петрол“ тврди дека непотребно се споменува во целиот случај, и никогаш не доставувала мазут до ЕСМ.
„Нападот врз Пуцко Петрол, го сметаме за тенденциозен обид за нарушување на угледот на компанијата и семејството. Категорично отфрламе било каква вмешаност со набавката на мазут и достава на истиот до ЕСМ. Никогаш не сме увезуале Мазут и доставувале до ЕСМ. Низ годините сме докажана нафтена компанија, која соработувала со илјадници приватни и државни институции, реализирајќи ги нивните барања во целост, согласно законот, при што во моментот долгот на јавните установи према Пуцко Петрол надминува една милијарда денари“, велат од компанијата во демантот.
Се додава дека Пуцко Петрол не е дел од никаква постапка за мазут која се води за РКМ.
Од тука упатија молба до медиумите да пласираат точни и проверени информации, затоа што, како што велат, со овие дезинформации се нарушува угледот и реномето на компанијата со што се прават и се до сега веќе направени штети од големи размери и се прави искривување на вистината и фактичката состојба.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Баку: ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер

ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на 12. Глобален форум во Баку, на сесијата на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Таа повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Воедно, истакна дека иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има потенцијал за да ги адресира проблемите.
Во обраќањето го реафирмираше членството во Европската Унија како стратешка цел на државата. Посочи и дека не отстапуваме ниту од нашето стратешко партнерство со САД.
Таа рече и дека европскиот пат на нашата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави.
„Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Oдговор на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. Значи, треба да делуваме „ex ante“ наместо „post festum“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Давкова.
Побара јасен интегративен пат, базиран на принципи и правила.
Таа изјави и дека неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста. Генералното собрание треба да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите. Само така, рече Сиљановска-Давкова, Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици.
Македонија
Тошковски на одбележување 44 години САЕ Тигар: Елитна единица која е врв во професионализам, стручност и обученост

Во касарната Илинден во Скопје, денеска се одржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „Тигар“ и 44 години од постоењето на единицата, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ Тигар беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Владата, МВР и семејствата на загинатите припадници на единицата.
Министерот Тошковски истакна дека САЕ Тигар од аспект на професионализмот, стручноста и обученоста на своите припадници, претставува вистинска гордост како на министерството за внатрешни работи така и на цела Македонија.
„Македонија е горда на своите Тигри. Оваа високоспецијализирана полициска единица, една од најсложените во безбедносната структура на МВР, секогаш во секое време е целосно подготвена, ефикасна и обучена, технички и човечки опремена до перфектност, се со цел брзо и ефикасно извршување на специфичните и сложени задачи кои ги има во секојдневното работење.“, потенцираше министерот Тошковски во обраќањето.
Министерот Тошковски нагласи дека министерството ќе продолжи со континуираниот развој и поддршка на единицата во насока на материјално-техничко унапредување од секој аспект со цел продолжување на врвната ефикасност и ефектуирање на резултати на единицата.
Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Драган Прокоповски ја потенцираше храброста, професионалноста и пожртвуваноста на припадниците на единицата и се заблагодари на раководството на министерството што ја препознава вредноста на единицата и ја става на врв на приоритетите во вложувањето и своите планови за унапредување и поддршка.
„Со соработка, дисциплина и професионалност, со брзо и енергично дејствување ќе останеме ударната сила на Министерството за внатрешни работи, сила која секој непријател ќе ја почитува, а секој граѓанин ќе ја доживее како гарант на мирот и безбедноста“, истакна командантот Прокоповски.
Прокоповски потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.
„Нивните имиња ќе бидат вечно врежани во историјата на нашата единица, а нивниот дух ќе продолжи да живее во секој припадник на оваа горда единица“, заврши командантот Прокоповски.
Од страна на припадниците на САЕ – Тигар беше реализирана и видео презентација на активностите на единицата за 2024 година, а во знак на одбележување на 44 години од формирањето на единицата беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2024 година, беа доделени плакети на припадниците за 5, 10, и 20 години служба во единицата, и плакети на соработници и пријатели на единицата.
На крајот од свеченото одбележување присутните ја посетија и Спомен куќата на САЕ „Тигар“.