Македонија
„Германија ја очекува Северна Македонија во ЕУ“ – Ковачевски се сретна со германскиот канцелар

Премиерот Димитар Ковачевски имаше куса средба со германскиот канцелар Олаф Шолц во рамките на настанот за одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк.
Ковачевски му ги честита на канцеларот Шолц јубилејното членство на Германија во ОН и големиот придонес што го дава Сојузна Република Германија во стабилноста и безбедноста на нашиот регион, Европа и светот.
Премиерот се заблагодари на канцеларот за соработката меѓу двете земји во рамките на Обединетите нации, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, што ја истакнува Германија како еден од најблиските европски партнери на нашата земја.
На средбата е нагласено дека Германија ја очекува Северна Македонија во Европската Унија посочувајќи на фактот дека евроинтеграциите и европскиот пат се најдобрата и единствена алтернатива за земјата. Државничката одлука, која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигури квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, како што е оценето, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Северна Македонија ниту на регионот и Европа.
Ковачевски му се заблагодари на канцеларот Шолц за огромната поддршка што ја добиваме од Германија во демократскиот, евроинтеграцискиот и во економскиот развој на нашата земја. Таа е јасно пресликана и во усвоената резолуција од страна на германскиот Бундестаг, со која се потврдува нашата заложба за забрзана евроинтеграција со потврдени и признати македонски јазик, култура и идентитет
„Ова е потврда за искреното разбирање што го има нашиот голем пријател, Сојузна Република Германија, за потребите и националните и стратешките интереси на македонските граѓани“, рече Ковачевски на средбата со канцеларот Шолц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.