Македонија
Годинава на Криволак ќе се одржат 7 меѓународни воени вежби со повеќе од 5.000 учесници

Годинава на полигонот Криволак предвидено е да се одржат седум меѓународни вежби, со учество на 5.200 припадници на сојузничките армии како и на Армијата на Северна Македонија.
Од Министерството за одбрана информираат дека најголема меѓу нив е вежбата SWIFT RESPONSE – 22, на која е најавено учество на речиси 4.000 учесници од армиите на САД, ОК, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и од Северна Македонија.
Реконструкцијата на АП „Криволак“ почна во 2020. Се работи на зачувување на постојната и воспоставување нова патна инфраструктура, а во овој период се градат, реконструираат и се санираат објекти, санитарни јазли и пречистителни станици.
Во периодот што следува е предвидена набавка на нови 32 контејнера за сместување, со што ќе се зголеми сместувачкиот капацитет на полигонот.
„Припадниците на Инженерискиот баталјон во изминатиот период самостојно работеа на пробивање нови патишта за изградба на обиколницата на полигонот Криволак, но и на реконструкција на постојната инфраструктура и внатрешно поврзување со цел да се обезбеди комплетно патно поврзување на полигонот во вкупна должина од 75 километри. Со поддршка на 15. Инженериски баталјон на Армијата на САД, Инженерискиот баталјон на Армијата минатата година работеше на изградба на нови содржини, полигони со подвижни и неподвижни цели за оклопни возила, полетно-слетна патека за беспилотни летала, магацин за складирање цели, сѐ со цел овој наш ресурс да стане еден препознатлив НАТО-ресурс за обука и тренинг“, велат од Министерството.
Министерката Радмила Шекеринска денеска заедно со претставници од Генералштабот и Армијата и претставници од Амбасадата на САД ќе бидат во посета на армискиот полигон и ќе направат увид во реконструктивните активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.