Македонија
Големо албанско знаме и скандирања „УЧК“ на протестот за „Монструм“

На протестот за пресудите во случајот „Монструм“, организиран од роднините и пријателите на осудените за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, можеше да се чуе скандирање „УЧК, УЧК“.
Групата што протестира, од Чаир се упати кон зградата на Владата, а кај трговскиот центар „Мавровка“ беше развеано големо албанско знаме.
„Нема правда, нема мир“ и „И ние сме деца под сонцето, и ние сме народ“, извикуваа присутните на протестот.
Беа истакнати и транспаренти, меѓу кои може да се збележи еден на англиски јазик, на кој е напишано: „Уставот на Северна Македонија ги нарушува етничките права на Албанците и мора да биде сменет“.
Исто така, има транспарент со ликовите на обвинителките Фатиме Фетаи и Вилма Русковска, судијката Добрила Кацарска и државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, на кој на англиски пишува: „Северна Македонија со корумпирани судови и обвинители“.
Во меѓувреме, демонстрантите пристигнаа и пред зградата на Владата, каде што има поставено заштитна ограда обезбедена од полицијата.
Случајот во јавноста познат како „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. На самото место беа убиени четири момчиња од македонска националност, на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево. Обдукцијата покажа дека во нив е пукано од три типа огнено оружје.
Со првостепената пресуда, која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откога Обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во убиствата.
Според роднините на осудените, тие не се убијци и не сториле дело тероризам.
„Ние, нашите семејства, не сме едуцирани да убиваме, а најмалку да направиме терористички чин. Ние го осудуваме овој чин, но не сакаме да нè најдат како случајна жртва за да понесеме одговорност“, изјави Бедри Ајдари, еден од роднините на обвинетите, на еден од претходните протести за „Монструм“.
Три дена по изрекувањето на пресудата, на 26 февруари се одржаа насилни протести, кои завршија со осуммина приведени и седум повредени припадници на полицијата. На протестите се фрлаа камења и други предмети кон полицискиот кордон, кој го спречи движењето на демонстантите кон Кривичниот суд. Полицијата, пак, возврати со шок-бомби, а нападната беше и новинарска екипа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.