Македонија
„Го сакам Водно“ бара ревизија на проектот и дебата со надлежните
„За заканите за живот и наредбата да се гази сè пред себе, очекуваме отстранување на тоа лице од понатамошна работа на овој проект, поведување дисциплинска постапка и транспарентно објавување на целиот процес, да не остане само на декларативно искажани зборови, без преземени акции“, реагираа и денеска преку соопштение од иницијативата „Го сакам Водно“.
„Вчера продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно. Би рекле – на диво зашто се работи без почитување на целата листа со прописи и законски обврски, а за сите овие пропусти поднесени се претставки до разни инспекторати, од Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Инспекторатот на град Скопје и до МЖСПП. Но, без резултат. На диво се гради, инспекција не постапува. Ова е воедно и одговор на прашањето зошто жив ѕид“, стои во соопштението на „Го сакам Водно“.
Од иницијативата додаваат дека бараат дебата со директорот на „Македонски енергетски регурси“, градоначалникот на Скопје и заменик-министерот на МЖСПП, каде што, како што се вели во нивното соопштение, јавно ќе ги изнесат нивните аргументи и со тоа да се стави крај на разговорите во четири очи и зад затворени врати.
„Го сакам Водно“ во своето соопштение, покрај дебатата, побара и ревизија на проектот, постапување на институциите по доставените претставки, нива меѓусебна соработка, а не, како што посочуваат во соопштението, изземање од надлежности и недејствување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.

